Фото: Пиксабеј

Израелската војска денеска соопшти дека во напад со беспилотно летало во северен Либан загинал високиот претставик на Хезболах, Мохамед Махди Али Шахин, кој наводно бил вклучен во набавка на оружје за милитантната група.

Според Израелските одбранбени сили (ИДФ), Шахин ги „координирал терористичките трансакции за купување оружје на сириско-либанската граница, откако стапиле на сила договорите меѓу Израел и Либан“.

Шахин, наводно, бил истакнат член на регионалната дивизија на Хезболах во долината Бека и бил одговорен за склучување договори за набавки со шверцери и добавувачи, посредување при пристигнувањето на пратките и нивно дистрибуирање до различни единици на Хезболах, пишува „Тајмс оф Израел“.

Израелската војска соопшти дека Шахин ги прекршил условите од договорот за прекин на огнот меѓу Израел и Хезболах и дека претставува опасност за израелските граѓани.

Во одвоен напад со беспилотно летало на ИДФ во североисточен Либан завчера загина Махран Али Насер ал-Дин, член на единицата 4400 на Хезболах, наводно одговорен за шверц на оружје во Либан.