Фото: Маја Јаневска-Илиева

Со новите законски измени е предвидено трговците на мало (малите, средните и големите) „да ги објавуваат цените на производите на своите веб-страници за потрошувачите да бидат подобро информирани, а оние што имаат повеќе од еден продажен објект, да ги објавуваат цените на стоките поединечно за секој свој продажен објект“…

Законски измени за заштита на потрошувачите

Собранието на вчерашната 35. седница ги донесе измените и дополнувањата на Законот за заштита на потрошувачите, со кои, во функција на граѓаните, се очекува да има поголема транспарентност на цените во маркетите, подобрена конкурентност и намалување на цените. Трговците на мало (малите, средните и големите) да ги објавуваат цените на производите на своите веб-страници за потрошувачите да бидат подобро информирани, а оние што имаат повеќе од еден продажен објект, да ги објавуваат цените на стоките поединечно, за секој свој продажен објект. Ова го налага предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за заштита на потрошувачите што вчера го разгледа собраниската Комисија за економски прашања, труд и енергетска политика пред гласањето во Собранието. Од ваквата обврска, според законските измени, ослободени се микротрговците и трговците поединци.
Како што беше речено на комисиската седница, со објавувањето на цените на интернет ќе се обезбеди транспарентност (потрошувачите ќе имаат лесен пристап до информациите за цените), фер конкуренција (трговците ќе бидат еднакво обврзани да ги почитуваат овие одредби) и заштита на потрошувачите (тие ќе бидат заштитени од нефер практики, како што се скриени трошоци или нејасни цени).
Целта на предлог-законот, се наведува во образложението, е да се заштитат интересите на потрошувачите со обезбедување „основа за нивна подобра информираност за цените на производите и за олеснување на споредливоста на цените“!

Исто така, ќе се осигури транспарентноста во однос на потрошувачите и ќе се спречат нефер конкуренцијата и злоупотребата на пазарот. Ваквото законско решение се очекува да доведе до фер конкуренција и пониски цени, особено во секторот на прехранбени производи, при што ќе може да се направат и апликации и веб-страници што ќе им овозможат на потрошувачите да ги споредуваат цените помеѓу различните трговци на мало. Многу е важно, се додава, информирањето на потрошувачите за цените на стоките и услугите преку нивно правилно означување од страна на трговецот. Продажната и единична цена треба да бидат јасно означени на видлив и читлив начин за потрошувачот да има подобра прегледност и споредливост на цените,
Вакви законски решенија не се новина и се содржани во законите од областа на заштитата на потрошувачите и успешно се применуваат во Франција и во други држави. Предлог-законот предвидува и соодветно дополнување на прекршочните одредби од Законот за заштита на потрошувачите со глоби за трговците што ќе постапат спротивно на одредбите од овој закон и на одредбите за овластувањата што ги имаат државните пазарни инспектори. Н.М.