Фото: Пиксабеј

Во Детското одделение на ЈЗУ Општа болница Велес зголемен е бројот на пациенти со грип и со компликации од грип, информира денеска д-р Елена Ангеловски педијатар, началник на Детското одделение. Таа информира дека само вчера за 24-часовното дежурство имала 33 прегледи од кои пет хоспитализации на деца на ова одделение.

Според  д-р Ангеловски, станува збор за деца пациенти со грип, но веќе има и пациенти со компликции по прележан грип, како пневмонии и бронхопневмонии. Бројот на пациенти на Детското одделение нагло почнал да се зголемува во петтата недела од месец јануари, односно кога децата се вратиле во училиште и во градинка.

– Децата се најчести со висока температура и одбиваат да јадат и да пијат, па се дехидрирани. Родителите се вознемирани затоа апелирам до нив да не се вознемируваат толку од високата температура на децата, таа е одбранбен механизам и телото на детето така се брани. Тоа значи дека по секоја цена не мораат да ја снижуваат таа температура. Кога децата се со покачена температура ние медицински го употребуваме зборот дека тие се фебрилни и тогаш се создаваат анти тела. На тој начин тие се отпорни за следниот пат од истата инфекција – посочи д-р Ангеловски.

Таа појасни дека треба да им се дава на пациентите антиоуретик, како парацетамол, блок макс или бруфен за да им се намали температурата, а воедно да пијат и повеќе течности.

– Не секогаш треба антибиотик, три – четири дена децата да бидат дома вака, ако не повраќаат. Но ако децата повраќаат, тогаш  треба да бидат донесени и прегледани на Детското одделение – порача д-р Ангеловски.

Инаку на Детското одделение бројот на хоспитлизирани пациенти во јануари достигнал бројка до 97, споредено со декември лани кога биле 59, а во февруари до денеска се хоспитализирани 88 деца, што значи бројката ќе биде скоро иста како во јануари.

Во јануари на Детското одделение лекарскиот тим извршил 401 преглед на болни деца, во декември лани биле 355 прегледи, а во февруари досега се извршени  395 прегледи.