Потсетување на првото училиште на македонски јазик во селото Подвис
На 21 февруари – Меѓународниот ден на мајчиниот јазик, се потсетивме на првото училиште на мајчин македонски јазик во селото Подвис, Кичевско, во кое за прв учител бил наименуван Василко Лазарески од истото село. Училишната зграда во која се држеле часови од година на година е во сѐ полоша состојба и прашање е на време кога оваа училишна зграда засекогаш ќе се избрише од картата на објекти од културата од национален интерес.
– Првото училиште на мајчин македонски јазик во селото Подвис било отворено во септември 1943 година. Во оваа училишна зграда прв учител бил Василко Лазарески. Настава следеле ученици од Копачијата. Денес е во исклучително лоша состојба, а многуте иницијативи за нејзина санација досега не дадоа резултати. Дури и спомен-плочата што беше поставена на оваа училишна зграда на триесет години од почетокот со работа е дислоцирана во долното село, за да не доживее идентичен крај како и училишната зграда, која неповратно пропаѓа. И наместо споменик на културата, оваа училишна зграда денес е претворена во руина, заборавена од државата и од релевантните институции – вели Душан Ристоски, историчар од Кичево.
Синот на првиот учител во ова училиште, Добре Лазарески, во една пригода потсети дека и професор родум од ова село што живее во Австралија вложил огромен напор во убедување на луѓето од власта да помогнат да се санира оваа зграда и засекогаш да биде претворена во заштитен споменик на културата од државен интерес, но и неговите напори останале без резултат, што и денес е видливо.