Фото: ЕПА

Приврзаниците на крајната десница денеска се судрија со полицијата за време на протестот за поддршка на бугарската валута лев и против воведувањето на еврото. Неколку илјади симпатизери на бугарската десничарска партија „Преродба“ се судрија со полицијата во Софија додека се обидуваа да влезат во зградата на Европската комисија за време на протестите против плановите на земјата да го воведе еврото наредната година, објавија бугарските медиуми.

Протестот се одржа пред Бугарската национална банка (БНБ) и претставништвото на Европската комисија (ЕК) во Софија. Протестот започна пред зградата на БНБ.  Демонстрантите потоа се упатија кон зградата на ЕК и фрлаа црвена боја врз неа. Тие скандираа „Оставка“ и „Не за еврото“ и фрлаа со јајца кон зградата. Вратата од зградата потоа била запалена. Татнежот на петардите продолжи неколку минути, а полицијата ги турна демонстрантите подалеку од зградата. На местото на настанот пристигнале пожарникари и претставници на жандармеријата, како и возила на брзата помош, јави БТА.

Околу 10 полицајци се повредени, а шест лица беа уапсени.

Како одговор, министерот за внатрешни работи Даниел Митов нареди итни мерки на полицијата низ целата земја за откривање и приведување на сите одговорни за вандализмот. Ова се случи на неговата средба со заменик генералниот секретар на МВР, главниот комесар Мирослав Рашков и членовите на оперативниот штаб на Министерството за внатрешни работи за заштита од масовни настани во главниот град.

-Надлежните структури на МВР веднаш да ги отстранат од анонимност сите лица кои учествуваа во вандалскиот напад во центарот на главниот град. Тие ќе сносат одговорност за своите постапки кои се неприфатливи за земја членка на ЕУ – рече министерот Митов на почетокот на средбата во МВР.

Двајца од приведените се ослободени бидејќи имаат имунитет, соопштија и од МВР. Едно од приведените лица со имунитет носел маска и фрлало запаливи материјали кон зградите на ЕК и ЕП.

Бугарија го планираше воведувањето на еврото од 2025 година, откако минатата година за тоа гласаа пратениците во бугарскиот парламент. Сепак, влегувањето во еврозоната беше одложено поради високата инфлација и други економски фактори.

Откако законот ќе стапи на сила, Бугарскиот лев и еврото ќе се користат паралелно во Бугарија еден месец. На крајот на периодот на транзицијата, левот ќе биде целосно повлечен од оптег.