Кога нуклеарно глупата политика ја привршува својата приказна…

…пискотници пробиваат ушни тапанчиња. Сеедно дали врескаат зборови сместени во пишани редови, на ТВ-емисии или во интернет-поткасти, вревата е толку силна што создава мигрена и кај оние што вообичаено немаат главоболки. Никогаш, вака одеднаш, не сме виделе толку многу луѓе жедни за крвопролевање, кои пиштат и лелекаат бидејќи се наѕира крај на една страшна војна, која можеше и да не се случи, ако оние опседнатите за моќ и профит не ја подготвеа и спроведеа, но и ги саботираа сите обиди да се донесе мир.
Жедните за крв имаат наратив и постојано го верглаат. За нив е прифатлив крај на војната само ако Русија биде воено победена. Тоа е невозможно, но крвожедноста и безумноста секогаш се фатени под рака и така, ангаже, одат на прошетка низ планетата, спремни и нуклеарен конфликт да предизвикаат за остварување на сопствената фрустрација која сака да се бори на фронтот до последниот Украинец.
Стопати досега напишав, ама ќе повторам. Можеше да се избегне крвава војна меѓу Русија и Украина, ако се почитуваа меѓународните договори од Минск. Но, мадам Меркел ни откри дека тие договори биле третирани од Западот како мамка за Русија, односно да ѝ замачкаат очи додека ја вооружуваат и подготвуваат Украина за големата крвава оргија во која самата најмногу ќе настрада. И така, големото крвопролевање започна. Патем, овие од Западот се истите лицемери што нам ни се дерат дека нацистичките го.на ставени на хартија во Нивици, мора да се почитуваат затоа што тоа бил меѓународен договор.
А касапницата можеше да се прекине пред да влезе во најстрашната фаза. Во Истанбул, руската и украинската страна ставија договор на маса по кој Украина ќе излезеше како морален победник со цела територија (без Крим, како Србија без Косово) и со отстапка, да не влегува во НАТО и да не спроведува расистичка политика врз своите рускозборувачки сограѓани. Ама се појави Западот сместен во глупата фризура на Борис Џонсон, па го саботираше овој договор заради своите крволочни апетити. Кога многумина им посочувавме дека на крајот ќе плачат поради својата безумност, тие се потсмеваа и ги хранеа Украинците со лажна надеж дека ќе победат. Така и бидна. Она што Западот преку Борис Џонсон го посра, заврши со солзи од говорницата на Минхенската безбедносна конференција. Тој лелек е дел од хорските пискотници на оние што сакаат да ја продолжат крвавата агонија.
Ама не е фер. Една четвртина военоспособни Украинци веќе се истребени. Една четвртина, трајно осакатени. Една четвртина имаа среќа да побегнат од Украина. Последната четвртина се крие од мобилизација. Од друга страна, низ САД и Европа, но и кај нас, има едночудо прогресивни политичари, аналитичари, новинари и активисти кои пиштат и вриштат (од своите удобни фотелји, говорници или медиуми) дека со Путин не смее да се преговара, а Русија воено мора да биде поразена. Додека Трамп и Путин ја завршат приказната со кравата агонија, војната уште некое време ќе потрае. Кратко, ама доволно, за овие што не сакаат мир со Русија итно да бидат мобилизирани и испратени на фронт за да го спроведат тоа што го заговараат, па она, ќе ја браниме Украина до последен Украинец, да биде заменето со до последниот поддржувач на војната со Русија.

Можеби нема да има време за обука, ама овие што доброволно, насила, ќе ги испратиме, не треба да се плашат. По пат, од Брисел до Донбас или од Скопје до Запорожје, ќе им објаснат дека војната е кул, а фронтот е поле за цивилизирана размена на вооружена демократија, со таа разлика што Русите се диви племиња и веќе се на колена, патем, војуваат со лопати и во ракети ставаат чипови украдени од вибраторите на нивните сопруги, па сега, ем тие воено осакатени, ем нивните понежни половини, сексуално незадоволни и затоа, откако ќе ги направите пичвајз руските дилетанти, ќе одите да ги остварите неостварените сексуални фантазии на нивните згодни вдовици. Секако, пред да ги донесете оргазмите кај руските домаќинки, ќе бидете искасапени на фронтот, ама па ќе ја опееме вашата херојска борба водена до последниот противник на мирот во Украина.
Пискотници се слушаат и поради фактот дека мировни преговори водат САД и Русија, а Украина и ЕУ никој ништо не ги прашува. Па ова во Украина реално и е војна меѓу двете суперсили. ЕУ и Британија се само вазали, украинската земја е воено поле, а Украинците обучени да бидат жртвувани. Во војна меѓу САД и Русија не може да има победник, туку само пораз на човечката цивилизација ако овие решат да одат докрај. Е сега, бидејќи имаме нов шериф во Штатите, а Русите и без да ги користат сите воени капацитети си ги остваруваат целите, војната станува ќорсокак, мора да се прекине и мирот одново да се гради по секоја цена, макар таа цена да ја платат европските лидери, оти им е повредена суетата. А кога на маса преговараат моќните, зошто некој нешто би ги прашувал вазалите и војниците? Па, така беше и во Букурешт во 1913 година. Моќните европски империи ја парчосуваа Македонија на свои сфери на интерес, вазалите Грција, Бугарија и Србија нешто џавкаа, ама на крајот моќните пресекоа, а војниците или лежеа во гробови или ги живееја своите поствоени кошмари.

Светот се менува, сеедно што оние на кои им се рушат замоците изградени од туѓа несреќа, а своите неистомисленици диктаторски ги цензорираа, тоа не можат да го разберат. Нуклеарните сили САД, Русија и Кина најверојатно ќе ја внесат планетата во нова приказна. Нуклеарно глупиот политички лидершип на Европа, кој поддржувајќи војна (и санкции) со Русија, кои од глава им се удрија, само ги осиромаши своите граѓани и ја намали територијата и популацијата на Украина, наскоро ќе бидат завршена приказна на која никој по добро нема да се сеќава, иако до последна капка безумност ќе се борат да го спречат она што му е природно дојдено време да се менува. На оние што тука се трескаат од земја и лелекаат можам да им го порачам истото тоа што тие мене ми го зборуваа кога и јас врескав против идентитетскиот холокауст врз Македонија што нивните моќни спонзори го спроведуваа во кој и самите соучествуваа: полека, без хистерија, ние сме мали, џабе врескате, тоа големите си играат нова политика што вие ниту ја разбирате ниту можете да ја промените.