Рускиот велемајстор (ВМ) Валериј Попов (2.531 рејтинг-поени, рангиран 40-ти), го освои златниот медал и паричната награда од 4.000 евра на 31. Европско поединечно првенство (ЕП) во забрзан шах (темпо на размислување од двапати по 15 минути, плус 10 секунди по секој одигран потег), што попладнево заврши во хотелот „Александар палас“, во Скопје.
Во конкуренција на 403 шахисти (64 ВМ, 3 ЖВМ, 48 ИМ, 9 ЖИМ, 40 ФМ, 5. ЖФМ) од 37 држави, по одиграните 13 кола (вчера и денес), Попов, освои вкупно 10,5 поени.
Второто место му припадна на неговиот сонародник, ВМ Андреј Есипенко (2.643, рангиран 13-ти), а трет беше ВМ од Турција, Вахап Санал (2.476, рангиран 53-ти). Сите тие, заедно со четвртопласираниот, ИМ од Италија, Лука Морони (2482, рангиран 50-ти), имаа ист број на поени, 10,5, но со послаби критериуми од шампионот Попов.
Најуспешен македонски шахист (од пријавените 106), е ВМ Кирил Георгиев (2.656, рангиран 9-ти), кој со 10 поени (девет победи, два порази и две ремија), го освои одличното петто место. Г.И.