Најмалку импресиониран од изведбата на ѕвездата и дебитант на Далас, Лука Дончиќ (19), во победата над Хјустон со 107-104 во саботата веројатно беше токму словенечкиот кошаркар, пишуваат американските медиуми по новата одлична партија на Дончиќ во меч од НБА-лигата. Тој во натпревар што го почна бавно блескаше во последните три минути од последната четвртина од средбата со 11 поени во низа без промашување (во истиот период соиграчите промашија по два шута од поле и од слободни фрлања) за пресврт и победа на Далас. Дончиќ серијата ја почна при резултат 94-102 за Хјустон.
– Не играв одлично. Мојата игра не беше воопшто добра. Добив самодоверба на крајот од средбата и очигледно тогаш се чувствував убаво – рече Дончиќ по мечот во кој постигна вкупно 21 поен.
Но, тоа е само еден начин на гледање на нештата, откако Дончиќ со 11-те поени во низа како дебитант во НБА, на пример, речиси се израмни со 12-те поени по ред на еден друг дебитант во НБА-меч, Кајри Ирвинг во 2012 година. Американските медиуми оценуваат дека Словенецот сезонава веќе покажа капацитет дека може да размислува во од и во моменти кога не му оди во поголемиот дел од мечот, а 11-те поени се само уште еден одличен пример за тоа.
– Тој не е обичен 19-годишник. Тој има менталитет да игра за следниот момент, да не се враќа на тоа што се случило претходно во мечот. Со начинот на кој играме и според карактеристиките на нашата професија, морате да ја имате таа брза амнезија. Тој го има тоа и го покажа вечерва – изјави Девин Харис, соиграч на Дончиќ во Далас, за ЕСПН.
Дончиќ скромно изјави дека тоа се „само неколку добри удари и тоа е тоа“. Но според статистиката на НБА, Дончиќ постигна 40 поени во 33 решавачки минути, дефинирани како мечеви кога резултатот е до пет поени разлика во последните пет минути од средбите. Сепак, Дончиќ останува скромен.
– Тоа е само кошарка. Ако погодувате удари во Европа, ќе ги погодувате и тука. Станува збор само за самодоверба. Тоа ми дава самодоверба, малку повеќе верба во себе. Драго ми е што тимот верува во мене – рече Дончиќ за ЕСПН, најмладиот најкорисен играч (МВП) во историјата на Евролигата, кој имаше голем број решавачки поени и при освојувањето на титулите со Реал Мадрид и со словенечката репрезентација.
Г.М.