Marco Rubio
Фото: ЕПА

Договорот за ставање крај на војната во Украина мора да биде прифатлив за сите страни, вклучувајќи ги Украина, Русија и Европа, изјави денеска американскиот државен секретар Марко Рубио по разговорите меѓу делегациите на САД и Русија во Ријад, во кои учествуваше и рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.

Тој прецизираше дека никој нема да биде игнориран, а Европската унија ќе биде вклучена во преговорите во некоја фаза.

– Сите кои се вмешани во конфликтот во Украина треба да бидат согласни за одлуката за негово прекинување. Целта на преговорите за ставање крај на војната во Украина е да се постигне праведен, траен и одржлив мир – истакна Рубио.

Тој сооппшти дека во Ријад е постигнат договор со Москва во четири области.

– Следните чекори вклучуваат воспоставување остварливи дипломатски мисии меѓу САД и Русија – рече Рубио.

Американскиот државен секретар прецизираше дека ќе бидат назначени тимови за враќање на функционалноста на амбасадите во Москва и Вашингтон.

– Има уште работа да се заврши. Денешната средба беше првиот чекор од долгиот и тежок пат – нагласи Рубио и изјави дека Москва покажала подготвеност да се вклучи во сериозниот процес.