Со овој успех Георгиевски обезбеди 12 нови поени за олимписка норма, забележувајќи три победи, од кои една над еден од најдобрите таеквондисти во светот, Бадријалијабади, вели неговиот тренер и селектор на репрезентацијата Костовски

ТАЕКВОНДО – „ТУРЦИЈА ОПЕН Г2“

Најдобриот македонски таеквондист и носител на сребро од Летните олимписки игри (ЛОИ) во Токио во 2021 година, Дејан Георгиевски, одлично ја почна новата натпреварувачка сезона. На еден од најсилните меѓународни турнири во светот „Турција опен Г2“, кој годинава се одржа во Анталија, во присуство на речиси целата олимписка таеквондо- елита, Георгивски, предводен од помошник-селекторот на репрезентацијата Стефан Костовски, ги освои одличното второ место и сребрениот медал. До медалот, членот на ТК Бутел стигна откако забележа три победи и еден пораз во тежинската категорија над 87 кг.
Во првото коло Георгиевски го совлада домашниот претставник Ефе Ахмет Сариоглу со 1-0, во второто беше подобар од Шојхјахон Каримбоев од Узбекистан со 2-1. Во полуфиналето го победи Хамидреза Бадријалијабади од Азербејџан со 2-1. И во борбата за врвот на победничкиот пиедестал загуби од Марат Мавлонов од Узбекистан со 1-2, информираат од Македонската таеквондо-федерација.
– Со овој успех Георгиевски обезбеди 12 нови поени за олимписка норма, забележувајќи три победи, од кои една над еден од најдобрите таеквондисти во светот, Бадријалијабади. Задоволен сум од неговиот настап. Договорот беше да се пласира во финалето, а понатаму не беше битно, иако златото секако дека е пожелно. Следен настап на Георгиевски ќе биде „Бугарија опен“, кој ќе се одржи на 3 март – ни изјави селекторот на македонската таеквондо-репрезентација и тренер на Георгиевски, Борче Костовски.
На турнирот својот прв настап во сениорска конкуренција го имаше Филип Блажевски, исто така од ТК Бутел. Тој во категоријата до 74 кг се бореше со двајца таеквондисти од Турција, во првото коло го победи Абдулкадир Инан со 2-0, а во второто загуби од Мехмет Кани Полат со 0-2. Г.И.