ЕП 2025 ЗА СЕНИОРИ И ЗА КУГЛАРИ ДО 23 ГОДИНИ
На Европското првенство (ЕП) во куглање за сениори и за јуниори (до 23 години), кое заврши во неделата во српскиот град Апатин, а на кое настапија вкупно седум македонски натпреварувачи, највисок пласман оствари јуниорката Стефанија Алексовска. Таа, на ЕП до 23 години, го освои деветтото место во комбинација, откако беше одлична петта во квалификациите за пласман во осминафиналето во поединечна конкуренција. Алексовска во четврт-финалето во неизвесен меч минимално загуби од Словенката Аурора Пекосак според соборени кегли (531-542), откако по сетови резултатот беше нерешен, 2-2. На ЕП 2025 настапија учесници од вкупно 32 држави.
– На ова ЕП свој белег оставија и најмладите куглари Емилија Илијевска и Владимир Талевски, кои имаа по една победа во дисциплината спринт (10 плус 10 фрлања, кои потоа се собираат). Нашите најмлади куглари поединечно се пласираа на 30-то и 31-то место. Од македонските сениори, пак, Никола Андоновски беше 28., Драгана Гаврилова 30., а Александар Младеновски и Мирјана Младеновска на 32-то место. Во дисциплината спринт сите сениори беа елиминирани уште во првата фаза – изјави тренерот и претседател на Кугларската федерација на Македонија (КФМ), Игор Михајловски. Г.И.