Kicevo otpad
Фото: З.А

Граѓаните на Кичево никако да се превоспитаат и да почнат комуналниот отпад да го фрлаат во контејнерите, додека останатото ѓубре да го отстранат со асистенција на комуналното претпријатие.

Низ Кичево може да се забележат празни контејнери а покрај нив натрупан секаков вид на отпад од стар мебел, сува трева од бавчи, отпад што останува при кастрење на овошки, градежен шут и што уште не.

Kicevo otpad
Фото: З.А

Комуналното претпијатие во склад со своите обврски ги празни контејнерите со комунален отпад, додека пак вработените од оваа компанија немаат обврска да го ставаат во комуналните возила кабастиот отпад кој го фрлаат неодговорните граѓани.

– Ни бројните апели испратени до нашите сограѓани да не го одлагаат кабестиот отпад во и покрај контејнерите непомагаат. За истиот, тие треба да побараат асистенција од наша страна, а ние ќе им излеземе во пресрет и за мали пари ќе го подигнеме кабестиот или друг вид некомунален отпад, што го поседуваат во својот двор или стан и на тој начин ќе спречиме да ни се повторува оваа грда слика. Исто така ќе ги заштитиме и нашите возила од расипување, бидејќи во контејнерите се одлага и градежен материјал и друг вид тврд отпад кој е исклучително штетен за нив – вели директорот Зенел Јонузи.

Јонузи досега има упатено безброј апели за цивилизирано однесување на граѓаните и некомуналниот отпад да не се фрла крај и во контејнерите.

Kicevo otpad
Фото: З.А

– Граѓаните се глуви на овие наши апели и тераат по старо, наместо за нивно добро да ги послушаат нашите апели и да постапат во склад со потребите. Така тие ќе имаат почист и поубав град, а ние здрави возила за превоз на отпадот – нагласи директорот, кој додаде дека никако не ги разбира и оправдува овие постапки на несовесните граѓани.

Пред четири години„ Комуналец“ постави решетки околу повеќето контејнери, за кучињата да не го влечат ѓубрето. Сега во контејнерите најчесто се фрла комунален отпад а околу заградените контејнери се фрла се и сешто.

Забележливо е како поединци во пластичните контејнери истураат разжарен пепел, кој го пали контејнерот и кој потоа чади со часови и го загадува воздухот, дури во неколку наврати имало потреба да интервенира притипожарно возило.

З.А