Дојавите за бомби во училиштата се лажни, потврдија проверките на МВР. Учениците се вратени на настава и се е под контрола, изјави министерката за образование и наука Весна Јаневска.
На прес-конференција претпладнево, таа соопшти дека утрово МОН формирали меѓуресорска група за поефикасно справување со ситуацијата откако во повеќе основни и средни училишта денеска имало дојави за поставени експлозивни направи.
-Сите дојави се лажни и учениците се вратени на настава – рече Јаневска.
Се заблагодари на МВР за брзата реакција и истакна дека жали што некој „вака си поигрува со децата“. Ги повика раководствата на училиштата дојавите да ги пријавуваат во МВР и да ги следат протоколите на полицијата.
Апелираше до наставниците и директорите на училиштата за комуникација да ги користат исклучиво службените електронски адреси креирани од МОН.
Како што рече, според првични информации, дојавите не се добиени на службени, туку на приватни мејлови и затоа тие, рече, не треба да се користат.
Соопшти дека безбедноста е подигната на повисоко ниво со двојна автентикација при користење на службени мејлови.
На општините им препорача ако се во можност да имаат физичко обезбедување и видеонадзор во училиштата, а на училиштата да бидат попретпазливи „кој и како влегува во овој сензитивен период“.
На прашање дали има сознанија кој ги праќа дојавите, Јаневска одговори дека за тоа е надлежно МВР, но дека МОН е во постојана комуникација со полицијата.
Министерката апелираше, особено до родителите, да се чувствуваат безбедно бидејќи, рече, сите мерки се преземени.