Претурање од шупливо во празно при млатење празна слама

По повод сеќавање на страшниот холокауст, претседателот Трамп ѝ се заблагодари на Русија зашто им помогнала на Американците да ги победат нацистите. Не, господине, вие можете да им се заблагодарите на Русите само затоа што сте станале претседател на САД.
Звучи грдо, а? Е па, грдо е, оти е лага. Таков беше наративот во 2016 година кога Трамп за првпат стана претседател. Неговите политички противници и нивните медиуми хистерично врескаа дека Руси и Македонци му ја донеле победата, па исфрлајќи го американскиот гласач од игра, ги прогласија за глупи граѓаните на САД бидејќи потпаднале под влијание на пропагандата на Путин и некои таму велешани. Но извртувањето на стварноста изгледа е заразна, па еве го сега и Трамп тресе зелени околу Втората светска војна.
Но ниту Американците ниту Трамп не се оние што единствени ги изопачуваат фактите за нешто што и не се случило толку одамна. Холокаустот врз историјата речиси цела деценија го има и во наративот на западните лидери од Европа. Па тие отидоа дотаму што 9 мај го прогласија за Ден на Европа, само за да заборавиме кој му ги скрати крилата на Хитлер, кој практично го ослободи европскиот континент од нацистичка доминација и окупација, кој даде најмногу жртви за да заврши најстрашната војна во историјата. А што, не можеа друг датум да изберат? Баш 9 мај им се виде како најпожелен за Денот на Европа, што и да им значи оваа блесава прослава. Ама па и изјавите на генералот Жуков, „никогаш нема да ни простат што ги ослободивме“ и на генералот Патон, „победивме погрешен противник“, некако уште тогаш, не толку одамна, ни најавија во колку глуп правец ќе се движат светот и цивилизацијата. И затоа сега слушаме како Американците го ослободиле Аушвиц, а Русите само им помогнале да ги победат нацистите. За мојот изопачен ум секако се отвораат бескрајните пространства на бесмислата низ која тој сака да степува како Фред Астер дури ги сонува колената на Џинџер Роџерс.

Татичко, што учевте денеска?
Денеска учевме за ослободувањето на Аушвиц.
И кој го ослободил?
Здружените вооружени сили на САД, ЕУ и НАТО предводени од Џо „Слипи холоу“ Бајден, лавицата мадам Урси и Руте ван Хауте, ги поразија руските окупатори и ги ослободија Евреите од логорот на смртта. Читавме извадоци и од дневникот на Ана Франк, која била спасена од германските нацисти, оти ја скриле од гадните Руси. Знаеш, тато, руските трансетнички баталјони, преправени во германски нацисти, тајно ја окупирале Германија и се обиделе да го убедат светот дека всушност Германците предводени од Хитлер сакаат да ја освојат планетата умислувајќи се суперраса. За среќа, Американците, со помош на ЕУ, НАТО и лудилото во униформа на логика, ги поразија трансетничите Руси преправени во Германци и ја ослободија Европа од нивното зло. А ти, татичко, не учествуваше во војната?
Не, љубов моја, тато уште не беше роден за време на таа војна, но затоа учествував во сегашната. Откако Заев Велики ни ја смени суштината и од Македонија станавме Нордистан, се вклучивме во НАТО и тргнавме да ја браниме формата на Украина од лошите Руси. И ги победивме. Лопатите со кои војуваа против нас, од глави им ги искршивме. И чиповите што Русите ги крадеа од миксерите на нивните жени за да прават ракети, им ги запленивме, па сега, ем поразените Руси не можат да јадат торти ем ние со тие чипови ја чипираме нормалноста.
Океј, го испратив изопачениот ум на одмор во прегратките на Џинџер Роџерс, за да прават „џинџер-баланс“ низ универзумот на воздишките. Сега можам да кажам збор-два и за сериозноста на стварноста. Наместо да шири неточни информации за Втората светска војна (сеедно што фактчекерите нема да реагираат на ова, они најмногу проблем имаат со вистината), најпаметно е Трамп, заедно со Путин, да засука ракавите и да ја прекине војната во Украина, ама не по корејско сценарио, туку навистина. Да, таа иста војна што Западот ја инспирираше и туркаше да се случи, манипулирајќи ја Русија дека сака мир (Меркел), лажејќи ги Украинците дека можат (со нивна помош) да ги поразат Русите, а кога мирот беше на дофат од рака, по кој Украина ќе останеше цела (без Крим), а надвор НАТО, истите тие луди западњаци (Џонсон) направија сè за масакрите да продолжат, Украина да остане без Украинци и територија, додека Русите ќе си добијат и повеќе од што планираа.

Ако мене, обичен, просечен и небитен писател, без никакво образование за политика, геостратегија и војување, ми беше јасно дека во оваа војна ќе настрада само Украина, а санкциите кон Русија ќе им се удрат од глава на оние што ги спроведуваат, (патем гајле ми е за глупоста на Европа), тогаш што да се каже за сите оние силни умови што ја туркаа тезата дека ене, само што не ја поразивме Русија борејќи се до последен Украинец? Прости ми Боже, ама какви крвожедни идиоти, човек просто да посака да умре на фронтот, за да не им ги слуша сега оправдувањата. Ама па којзнае, може нема ни да запрат, може на некој таму во САД или во Унијата, му текнало нешто на кое Наполеон и Хитлер не се сетиле, па успешно ќе го спроведат, што значи да почнеме да се спремаме за нова руска администрација. Нормално, додека кинескиот јазик не ни стане официјална приказна.

Туку, се разбрборев јас за историја и војни, а ваму, започна холокауст врз најубавите, најумни и најпрогресивни луѓенца какви што оваа планета никогаш немала. Трамп воведе тримесечен мораториум на грантови. Пискотници се слушнаа од Енџиово до Просоросово. Мојот изопачен ум штотуку разбуден во прегратките на Џинџер Роџерс излезе на тераса да испуши цигара, ги виде Кери Грант и Хју Грант (а што може друго да види изопачен ум?), долу во паркот, расплакани од неверување. Нормално, слегов долу и ги смирив браќата Грантови. Не може Трамп против најстариот занает на светот, им објаснив. Од памтивек до денес, претурањето од шупливо во празно при млатење празна слама, станува ветер во магла за шуто и рогато и како танте за кукурику преоѓа во тикви со расол, а тоа засекогаш ќе остане вредност и придобивка на оваа цивилизација и ако не Трамп, тогаш секако ќе се најде некој друг да ја реставрира и грантира оваа традиција. Можеби одеднаш, во срцето на наследникот на Великиот Палиндром, ќе се разбуди кинескиот змеј или едноставно, ќе се сети дека неговото семејство Шварц, потекнува од презимето Черни, кое го носел најдобриот пријател на Рас(путин).