Овој ревизионистички вестерн е мрачна и алармантна приказна, која се заснова на вистинскиот расизам и колонијализмот, кој целел на домородните луѓе. Дејството на „Доселениците“ ја опфаќа далечната 1900 година во Чиле, каде што тројца коњаници се платени за заштита на огромен имот. Во придружба на британски војник, американски платеник-снајперист од мешана раса сфаќа дека неговата вистинска мисија е да го убие домородното население. „Лос колонос“ (позната како „Сетлерс“) е меѓународна продукција со солидно сценарио и одмерена режија на Фелипе Галвез Хаберле. Можеби не е најдобриот филм за 2023 година, но заслужено освои неколку меѓународни награди и претставува жесток социјален коментар за колонијализмот, сакајќи со тоа да ја издигне свеста преку уметнички израз
Рецензија
Бурната работна седмица и напорните дневни обврски во модерното живеење создаваат сѐ поголем стрес кај луѓето, кои во потрага по релаксација и опуштање често посегнуваат по некој лесен филм или ТВ-серија. Платформите како што се Нетфликс, Ејч-би-о и многу други успешно ја користат таквата ситуација, па често знаат да ја придобијат филмската публика сервирајќи ѝ лесни романтични комедии, мелодрами или акциски филмови во кои најголем дел од сценариото е предвидлив, а крајот познат. Во последно време не се ретки и таканаречените филмски франшизи и приквел-изданија од акциските херои од минатото, па понекогаш се чини дека продукциските куќи се натпреваруваат една со друга која ќе придобие повеќе „уморни гледачи“.
Филмот како уметност не секогаш ѝ се обраќа на иста целна група. Различни филмски категории имаат различна публика, па така, и секој филм не е направен за секого.
Филмот „Доселениците“ во режија на чилеанскиот режисер Фелипе Галвез Хаберле (кој и покрај богатиот филмски опус, сепак е познат само по неколку кратки филма), дефинитивно не е за сечие око. И покрај неговата конвенционална минутажа, овој филм е вистински предизвик за гледачите и бара речиси физички напор за да се изгледа. Потребата од максимална концентрација, посветеност и вистинско расположение е неопходна. Но и покрај тоа, „Доселениците“ заслужено се најде на годишната листа на најдобри филмови на „Кинонома“, иако официјалната премиера на овој филм беше во 2023 година. Тој несомнено нуди спектар на доживувања, историски приказни и прекрасна кинематографија.
Овој ревизионистички вестерн е мрачна и алармантна приказна, која се заснова на вистинскиот расизам и колонијализмот, кој целел на домородните луѓе. Дејството на „Доселениците“ ја опфаќа далечната 1900 година во Чиле, каде што тројца коњаници се платени за заштита на огромен имот. Во придружба на британски војник, американски платеник-снајперист од мешана раса сфаќа дека неговата вистинска мисија е да го убие домородното население. „Лос колонос“ (позната како „Сетлерс“) е меѓународна продукција со солидно сценарио и одмерена режија на Фелипе Галвез Хаберле. Можеби не е најдобриот филм за 2023 година, но заслужено освои неколку меѓународни награди и претставува жесток социјален коментар за колонијализмот, сакајќи со тоа да ја издигне свеста преку уметнички израз. Тешко е да се најде повлијателен филм во последните неколку години за злосторства врз домородните населенија. Дури и супериорниот „Убијци на цветната месечина“ на Мартин Скорсезе не успева толку висцерално и интелектуално да ги изрази долготрајната неправда и вродените недостатоци на системот што преовладуваат до ден-денес.
Сè уште нема вистински решенија за спас и промени неопходни за да се избегнат овие видови злосторства во овој нов век и, за жал, сѐ уште сме сведоци на модерни геноциди. Сè уште се соочуваме со голема мера на санирана домашна историја со големи изобличувања, кои преку училниците и целокупната култура, така искривени и гротескни, доаѓаат до младите. Многумина мислат дека домородците умреле од болест поради послаб или неподготвен имунолошки систем и многу одамна. Овој филм ја прикажува историјата на 20 век. По масакрите, британските и француските сили го доживуваат својот врв на колонијалистичките освојувања.
„Доселениците“ нè принудува да погледнеме во нашето колективно колонијално минато и сегашност. Монтажата е потресна, а ненадејното префрлање на наративот во иднина е возвишено. Хаберле преку своето прецизно нијансирање на дејствата вешто нѐ насочува кон моменталната клима на „вистина, помирување и интеграција“, која до денес не успеа да создаде некои опипливи или реални резултати.
Во едно од неговите интервјуа, Фелипе Галвез Хаберле истакна дека и историјата на кинематографијата е извалкана со крв во однос на тоа што е прикажано и како. Овде, тој го испитува овој системски колонијален начин на размислување што навлегува во секој аспект од нашите животи без многу размислување или преиспитување. Тој користи модели и техники со кои има цел да обезбеди клаустрофобична и временска капсула во која владее атмосфера како во „Светилник“ од Роберт Егерс во друг жанр на снимање филмови. Хаберле и кинематограферот Симон Д’Арканџело, и покрај тешката тематика, успеваат да доловат воодушевувачки пејзажи од Патагонија, заедно со неколку интимни снимки од ентериерот и повеќе графички сцени што предизвикуваат тежина во стомакот. Сепак, насилството не е прикажано премногу експлицитно, постои отсуство на дијалогот. Голем број некажани или невидени настани се вовлекуваат во умот на гледачите додека приказната се развива и е стручно изложена со неколку задоволувачки и изненадувачки пресврти.
„Доселениците“ е главно грд и брутален филм, со особено депресивен мотив. Но поентата е да се прикажат ужасите на колонијализмот во оваа земја и какви злосторства се направени во негово име. Приказната во последно време, исто така, гледа како властите, под превезот на добри намери, ја закопале мрачната вистина и промовирале идеалистички мит. Овој филм не плени со висока резолуција, нема ниту кохерентна приказна. Гледањето на „Доселениците“ е исцрпувачки предизвик. Некои од сцените се толку вознемирувачки и претставени со таков непоколеблив реализам што е невозможно понекогаш да не се погледне настрана. Презентацијата на ужасот на геноцидот во Чиле и на ужасниот третман на домородното население на крајот на минатиот век е прикажана на начин што вознемирува со својата веродостојност и хиперреалност. Сите изведби се фантастични, особено тие на домородците, чие трауматизирано и тивко однесување е траорно, доживувајќи ги злосторствата што им се нанесуваат.
Но прашање е дали овој филм би допрел до вистинската публика на начинот на кој посакувал режисерот доколку не бил снимен на овој начин. Кога ќе помислите дека приказната има некаков расплет, тогаш филмот само завршува.