Оркестарот на Македонската филхармонија, со почеток во 12 часот, в четврток и петок ќе одржи два концерта за деца со наслов „Имате ли ритам?“, преку организирана училишта посета. Диригент е маестро Виктор Митревски, а аниматор и овој пат ќе биде миленикот на младата публика, актерот Мартин Јорданоски, кој ќе ги воведе децата во тајните на ритамот и неговата разновидност.
Посетителите ќе имаат можност да слушнат композиции од класичната, но и од модерната музичка литература, во кои акцент е ставен токму на ритмичкиот импулс – дела од Смокварски, Калифе, Андерсон, Бернштајн, Штраус, Де Фаља.
Концертот ќе ги донесе звуците и ритмите на Македонија, Либан, Куба, Шпанија…, а Јорданоски низ игра и хумор ќе се обиде да ги анимира децата „свирејќи“ на разни предмети, докажувајќи дека ритамот го има насекаде околу нас. Овој пат особено ќе се истакнат перкусионистите од оркестарот на Македонската филхармонија, кои ќе приредат и едно изненадување, а на сцената ќе настапат и неколку талентирани деца.