Вкупно четврти пат и првпат од 1999 година на СП за мажи ќе има две неевропски селекции во четврт-финалето, а тоа се Египет и Бразил. За пласман во полуфиналето денеска ќе играат Хрватска – Унгарија и Франција – Египет, а утре се среќаваат Данска – Бразил и Португалија – Германија
СВЕТСКО ПРВЕНСТВО ВО РАКОМЕТ ЗА МАЖИ
Со одигрувањето на последните натпревари од главната групна фаза на Светското првенство (СП) во ракомет во Хрватска, Данска и во Норвешка, познати се сите репрезентации што обезбедија пласман во четврт-финалето. А меѓу најдобрите осум што се и најблиску до освојување на еден од медалите, се најдоа бранителот на светската титула и олимписки првак Данска, потоа олимпискиот вицешампион Германија, шесткратниот планетарен првак и актуелен европски шампион Франција, првакот на Африка, Египет, шампионот на Јужна Америка, Бразил, Унгарија, Португалија и Хрватска.
За пласман во полуфиналето денеска ќе играат Хрватска – Унгарија и Франција – Египет, а утре се среќаваат Данска – Бразил и Португалија – Германија. Македонската репрезентација се претстави во светло издание освојувајќи го 15-то место.
Првпат од 1999 година СП за мажи ќе има две неевропски селекции во четврт-финалето, пишува Светската ракометна федерација (ИХФ). А тоа се Бразил и Египет, кои ги освоија вторите места во своите групи во втората групна фаза, елиминирајќи силни селекции, Норвешка и Шведска, односно Словенија и Исланд. Ова е четврти пат во историјата во нокаут-фазата на водечкиот ракометен настан да настапат две неевропски репрезентации. Првпат кога две неевропски селекции беа во четврт-финалето на едно СП беше во Јапонија во 1997 година, кога Јужна Кореја и Египет беа меѓу најдобрите осум во светот. Во 1999 година, Египет, кој беше домаќин, повторно беше меѓу осумте најдобри во светот, а на тој Мундијал четвртфиналист беше и Куба.
БРАЗИЛ ПРЕД ТЕЖОК ИСПИТ
За Бразил, СП 2025 секогаш ќе биде специјално издание на светските ракометни натпреварувања. Нивниот претходен најдобар пласман беше деветто место на СП 2019. Овој пат шампионот на Јужна и на Централна Америка се надмина себеси, со победите над Норвешка (29-26), Шведска (27-24) и над Шпанија (26-25), три селекции што учествуваа на Летните олимписки игри (ЛОИ) лани во Париз. Загуби еден меч од првите шест што ги одигра, од Португалија (26-30).
– Мислам дека овој настап не е само за бразилскиот ракомет туку и за ракометот во Јужна Америка. Нашите соседи, Аргентина и Чиле, ни честитаа за овој успех. И ова докажува дека талентот уште е тука. Мислам дека тоа е многу важно за нас. И добро, оти покажува дека уште растеме. Работата е добро завршена и мораме да продолжиме – вели за ИХФ, левиот бек на Бразил, Ханиел Лангаро.
Можеби јужноамериканската репрезентација немаше најимпресивен напад. Тие се рангирани 16-ти, со просек од 27,8 гола во просек по меч, но ја имаат втората најдобра голманска „единица“ на СП, со 38,3 отсто ефикасност, веднаш зад Данска, односно се деветтата селекција со најмал број примени голови, 151 на шест натпревари досега. И сето тоа откако не успеа да се пласира на ЛОИ 2024, што беше огромно разочарување за Бразил, откако загуби во финалето на Панамериканските игри во 2023 година од Аргентина, а потоа беше трет на Олимпискиот квалификациски турнир за ЛОИ 2024, зад Словенија и зад Шпанија, пишува ИХФ. Сега и Словенија и Шпанија и Аргентина не се во четврт-финалето на СП 2025.
– Секако, мислам дека ги инспирираме не само помладите играчи туку и клубовите, федерацијата, секого. Да продолжиме да растеме со ракометот, да се подобруваме, оти ова е неверојатно достигнување – додава Лангаро.
Од друга страна, Бразил се надева дека ќе приреди уште едно изненадување, против третата скандинавска селекција со која се соочува, комплетирајќи го хет-трикот од победи со Данска, актуелниот светски шампион, кој е во серија од 36 меча без пораз на мундијалите. Затоа мисијата е дефинитивно тешка. Некои би рекле дека е невозможна. Но Лангаро виде многу во ова натпреварување и со тоа што Бразил го достигна врвот во вистинско време.
– Тие се фаворити, не само да против нас туку и да го освојат СП. Мислам дека треба да ја искористиме оваа можност. Како што реков, она што го гледаме е многу посебно за нас, за Бразил, за ракометот во Јужна Америка – вели Лангаро, пренесе ИХФ.
НОВ ПЛАСМАН ВО ЧЕТВРТ-ФИНАЛЕ ЗА ЕГИПЕТ
Ако Бразил е во четврт-финалето на СП првпат во историјата, Египет се етаблира како една од моќните сили на натпреварувањето. Тие во оваа фаза се третпат во низа, а осми пат во 18 настапи и нивниот најдобар резултат е четвртото место во Франција во 2001 година. Ова многу значи за Египет. Загубија во четврт-финалето од Данска, на СП 2021, во епски меч решен на пенали, по кој Данска ја почна доминацијата на светските првенства.
– Многу е важно да нема само европски селекции во четврт-финалето на СП и се надевам дека можеме да продолжиме, зошто да не? Важно е ракометот да се прошири и на други места, не само во Европа. Треба да веруваме во начинот на кој работиме, и тоа не само во Бразил. Ги следам моите играчи во лигите во Франција, Бундеслигата, Шпанија, Португалија, Норвешка, Данска, Романија, Лигата на шампионите, Европската лига. Исто така, понекогаш го следам клупското СП, за да видам како функционираат овие тимови, споредувајќи ги со бразилските. Имам врска со некои играчи што играат во бразилската и во аргентинската лига. Го сакам ракометот. Ова е мојот живот. Секогаш подготвен сум да ѝ помогнам на секоја земја, на кое било место – вели селекторот на Египет, Хуан Карлос Пастор.
Но тој знае дека ова е многу повеќе за Египет. Кумулативниот успех на неговата репрезентација и на Бразил на ова СП го прави спортот глобален, инспирира повеќе играчи да станат подобри, докажувајќи дека сѐ е можно, пишува ИХФ. Случајно и во Бразил и во Египет, ракометот не е најпопуларен спорт. Јасно е дека тоа е фудбалот, но во африканската земја ракометот станува сѐ попопуларен, а бројот на играчи што рано почнаa да импресионираат е сѐ поголем, како што беше тоа во претходни изданија на СП за млади, каде што Египет ја освои титулата во 2019 година, пишува ИХФ.
Лангаро и неговиот колега, левиот бек Али Зеин, се соиграчи во романскиот тим Динамо, каде што играат во ЛШ.
– Да се квалификувате е нешто што ќе ве натера да се разбере дека треба да се подготвите, да работите напорно, да имате трпение и да имате нешто што длабоко го сакате. Можете да го направите тоа. Многу ми е мило за нив и се надевам дека ќе поминат повеќе. Знам дека сега имаат многу тежок натпревар, но им посакувам сѐ најдобро и да направат нешто поголемо. Посакувам да продолжат така – изјави Зеин. Г.И.
Познат е пласманот од деветтото до 24-то место
По одигрувањето на сите натпревари во главните четири групи на Светското првенство во ракомет за мажи е познат пласманот на селекциите од деветтото до 24-то место. Така, деветти е Исланд, а потоа се Норвешка, Швајцарија, Холандија, Словенија, Шведска, Македонија, Италија, Австрија, Шпанија, Чешка, Аргентина, Катар, Тунис, Зелено’ртски Острови и Чиле. Г.И.
СП 2025, ЧЕТВРТ-ФИНАЛЕ
1. Хрватска – Унгарија 18 ч.
2. Франција – Египет 21 ч.
3. Данска – Бразил утре, 17.30 ч.
4. Португалија – Германија утре, 20.30 ч.
ПОЛУФИНАЛЕ
Победник 1 – Победник 2 четврток, 20.30 ч.
Победник 3 – Победник 4 петок, 20.30 ч.
мечевите за третото место и за титулата се в недела