Кога помислувам: Што секојдневноста на 20 век ни остави во наследство во секојдневноста на 21, се определувам за едно прашање и… еден одговор. Прашањето е: ЗАРЕМ Е ВОЗМОЖНО ВО 21 ВЕК (ова… она… ваму… таму…), а одговорот е: ЗА ЖАЛ, (ова – она, натаму, наваму)…
Истата јазична конструкција беше својство и на минатиот век: Зарем е возможно во 20 век…! И: За жал…
Ова не е поврзано со дописот до редакцијата што го испорачувам во сегашноста. Само сакав да потсетам пред кои факти молчат боговите…
Известување број 21о12025… Трета планета… Сончев Систем… Локална група… 20 милијарди светлосни години по Големиот Грмеж (светлината ќе се појави по 100.000 години)
ОД ДНЕВНИКОТ НА НЕПОЗНАТ СТОРИТЕЛ
„Често се прашувам… Дали Македонија е земја од планини, долини, реки, езера, мориња… или… Македонија е бестелесна мисла… Идеја во Светиот Дух… Здив… Неканет Гостин што срипува во нашето видение… ќе се појави… ќе го снема…. Потоа… недоброј мажи и жени го сонуваат истовремено… во Сон подлабок од длабокото спиење (веројатно во седмото небо на соништата)… и се будат во Бели Мугри посветли од сите зори… Потоа… Сонот го раскажуваме едни на други… потребно и доволно… често… почнуваме да го сметаме за стварност… настан… како нешто што навистина Е… потоа… почнуваме да му определуваме облик… наш… подарок… од нашата фантазија… со глас подарок од нашиот копнеж… и… Таа ја прима суштината на нашата Суштина… овде… сега… потоа… стануваме свесни дека Таа навистина не била сон… Знаеме: ЖИВЕЕМЕ… и живеевме во Неа… со Неа… Ја осознававме со отворени сетила сред бел ден… Ги чувствувавме… ги чувствуваме Нејзините допири… Одевме по Неа… со Неа…. од место… до место… бевме… сведоци на нејзините дела… Чудеса… ги слушавме нејзините сказни.
ЗАРЕМ МИСЛИТЕ ДЕКА БЕВМЕ САМО МИСЛА ШТО ТАЛКА ПО ТУЃА МИСЛА ЗАТОА ШТО Е ПРАЗНА И НЕМА СВОЈА?!… мисла…
ЗАРЕМ МИСЛИТЕ ДЕКА СМЕ СОН ВО СВЕТОТ НА СОНИШТАТА!?
…големите настани се туѓинци во оваа секојдневност… ретко се случуваат… брзо заминуваат… НО, ТРААТ СО МИЛЕНИУМИ… ЗАТОА… сите зборови произведени во оваа секојдневност и сите пропаганди и сите други секојдневности не можат да ја избришат Македонија на вистинскиот ЗБОР… СОБОР… ЗАТОА И СИТЕ МЕНИ НА ЗЕМНАТА ДОБА НЕ МОЖАТ ДА ИЗБРИШАТ НИШТО ОД ВРЕДНОСТА НА СВЕТОТ НА СВЕСТА И СОВЕСТА ЗА МАКЕДОНИЈА… ВО МАКЕДОНИЈА… БАДИЈАЛА СИТЕ НЕБАРЕ „успешни“ РЕФЕРЕНДУМИ… ЃОАМИТИ „ХРАБРИ, НОБЕЛОВИ“ ВЛАДИ И ШАРЕНИ РЕВОЛУЦИИ…
Македонија не е фантом… не е стихотворба… МАКЕДОНИЈА Е ЧОВЕК… ТИ… и ЈАС… ТАА… од високите врвови на својата стаменост… ја гледа нашата радост… и… СЕ ОБРАЌА ПРЕД ВИДЛИВОТО И НЕВИДЛИВОТО МАКЕДОНСКО МНОЖЕСТВО… ОВДЕ-СЕГА… ТОГАШ-ТАМУ… И… ПРЕКУ НАС ДО НЕРОДЕНИТЕ НАРОДИ…
Верувам: Македонија е како… онаа… неповторлива… глинена… црвена… ИКОНА… Мајка… од Говрлево: ПОСТОЈАНО ТРУДНА СО ПРВОТО ДЕТЕ…
ТАА… знае дека ќе биде прво што ќе ВОСКРЕСНЕ…
П.С.
Текстот е невозможно да се лекторира. Станува збор за оштетено писмо адресирано до претпоставувам ситно множество ниви (на ковертот може да се прочита како „НИВИЦИ“). Мислам дека станува збор за неплодни нивички. Писмото е непотпишано соодветно што ќе рече дека станува збор за „non paper“. Нема лични имиња ни наслови на институции. Зачудува што се обраќа на јалова почва! Дневникот од кој се истргани овие страни е пронајден на блискиот остров на кој е откриен древен археолошки локалитет со слоеви до предисторијата. Во извештајот за наодите од локалитетот, за дневникот, нема никакви информации.
Можеби затоа што тие што го имаат локалитетот во владение немаат никаков имотен лист…
Вангел Божиноски