Фото: ЕПА

Ливерпул и Барселона обезбедија пласман меѓу најдобрите осум тима на табелата и со тоа директен влез во осминафиналето. По мечевите во вторникот, место барем во плејофот имаат Арсенал, Астон вила, Аталанта, Атлетико, Брест, Интер, Баер, Лил и Монако

ФУДБАЛ

Со победата на дуелот со Лил дома со 2-1, Ливерпул ја задржа водечката позиција во првенствената фаза во фудбалската Лига на шампионите (ЛШ) со максимални 21 бод од седумте меча сезонава. Драматичната победа на Барселона со 5-4 на гостувањето кај Бенфика значи дека на Ливерпул му треба уште еден бод за да биде сигурен за првото место.
Ливерпул и Барселона обезбедија пласман меѓу најдобрите осум тима на табелата и со тоа директен влез во осминафиналето. По мечевите во вторникот место барем во плејофот (ќе играат тимовите од деветтото до 24-то место) обезбедија Арсенал, Астон вила, Аталанта, Атлетико, Брест, Интер, Баер, Лил и Монако. Во новиот формат на ЛШ, Арне Слот, тренерот на Ливерпул, инсистира на тоа дека е поважно да се прескокне плејоф-рундата отколку да се биде на врвот.
– Задоволни сме што сме меѓу првите осум. Тоа е единственото нешто што ми кажува нешто, бидејќи оваа табела не кажува. Во тенисот, ако сте број еден и ако играте со бројот 24, знаете дека тој не е толку добар како бројот 16, но бидејќи играме со различни тимови, можеби бројот 24 е подобар од бројот 16. Сакаме да бидеме на врвот во лигата, но мора да почекаме и да видиме дали тоа е предност – рече Слот, пренесе „Скај спорт“.
Пласманот на табелата дава специфичен пат и конкретни противници. На пример, тимовите на првото или на второто место во лигашката фаза ќе играат со тим од 15-то до 18-то место, екипата што ќе биде на седмото или на осмото место би можела да игра со екипа на 23-то или на 24-то место, но, исто така, може да се соочи со клуб на деветтото или на 10-то место, пишува „Скај спорт“.
Лига на шампионите седмо коло: Аталанта – Штурм 5-0, Монако – Астон вила 1-0, Атлетико Мадрид – Баер 2-1, Болоња – Борусија Дортмунд 2-1, Клуб Бриж – Јувентус 0-0, Црвена звезда – ПСВ Ајндховен 2-3, Ливерпул – Лил 2-1, Слован Братислава – Штутгарт 1-3, Бенфика – Барселона 4-5. Синоќа играа Лајпциг – Спортинг, Шахтер – Брест, Реал Мадрид – Салцбург, Пари сен Жермен – Манчестер сити, Спарта Прага – Интер, Арсенал – Динамо Загреб, Селтик – Јанг бојс, Феенорд – Баерн и Милан – Џирона.
Табела: Ливерпул 21 бод, Барселона 18, Атлетико 15, Аталанта 14, Арсенал, Баер, Интер, Астон вила, Брест, Монако и Лил по 13, Баерн, Борусија, Јувентус и Милан по 12, ПСВ и Клуб Бриж по 11, Бенфика, Спортинг, Феенорд и Штутгарт по 10, Реал и Селтик по девет, Манчестер сити, и Динамо по осум, Пари сен Жермен седум, Болоња пет, Шахтер и Спарта по четири, Џирона, Црвена звезда, Штурм и Салцбург по три, Лајпциг, Слован и Јанг бојс без бодови. Н.М.