Министерството за култура и туризам информира дека е објавен Конкурсот за учество во финансирање проектни активности на правни лица од Македонија во европски проекти што се поддржани од потпрограмата „Култура на Креативна Европа 2021–2027“ на Европската Унија за 2025 година. Конкурсот има цел да се обезбедат развој на културниот и креативниот сектор, промоција на разновидноста на културните изразувања и афирмација на македонската култура надвор од границите на нашата држава преку јакнење на европската културна соработка и реализација на културни активности во земјава и надвор од нејзините граници.
Право на учество на конкурсот имаат правни лица: установи од областа на културата (национални, локални или приватни), здруженија, сојузи, асоцијации, трговски друштва, трговци поединци и други правни лица што се регистрирани во Македонија за вршење дејност од областа на културата во согласност со закон.
Критериумите и мерилата за оцена на проектните активности во европските проекти се содржани во пријавата, која е составен дел од конкурсот и е објавена на веб-страницата на Министерството за култура и туризам www.kultura.gov.mk, додека, пак, правните лица што членуваат во европски мрежи поддржани од потпрограмата „Култура 2021–2027“ пополнуваат посебна пријава, која, исто така, е составен дел од конкурсот.
Конкурсот ќе трае до 21 февруари до 12 часот.