Симона Ѓорчева / Ненад Витанов

Симона Ѓорчева, музичка менаџерка, и режисерот Ненад Витанов се новите селектори на музичкиот и драмскиот дел од програмата на НУ „Охридско лето“.
Директорот Ѓорѓи Цуцковски најави дека заедно со селекторите ќе создадат свежа, интересна и квалитетна програма. Тој вели дека ќе се залага да се искористи високиот уметнички кадар од Европа, а ангажманот на Симона Ѓорчева во Македонија е прв пример за тоа. Според него, нејзиниот придонес ќе биде од огромно значење во создавањето една нова, модерна и креативна културна вредност како дел од вековна традиција на фестивалот.
– Со професионалноста и умешноста на новите селектори ќе внесеме свежина во програмата и убеден сум дека тоа ќе го препознаат стручната критика и нашата верна публика – вели Цуцковски.
Ѓорчева и Витанов се истакнати уметници и културни работници, добро познати на домашната и меѓународната музичка и театарска јавност, со богата меѓународна професионална кариера.
Симона Ѓорчева е управна директорка на Камерниот оркестар во Келн, Германија, со големо искуство во делот на организација на концерти и концертни турнеи. Претходно работела како проектна менаџерка на „Шуманфест“ во Дизелдорф, каде што остварила голем број контакти со врвни уметници низ светот. Таа исто така била и генерална директорка на меѓународниот натпревар „Роберт Шуман“ за млади пијанисти до 20 години во Дизелдорф, како и координаторка во центарот за високоталентирани музичари „Шуман Јуниор“.
Во својата кариера Ненад Витанов има режирано над 20 театарски претстави во повеќе театри, а неговите претстави се селектирани на повеќе театарски фестивали и имаат добивано награди. Вработен е во народниот театар „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ во Велес. Витанов бил програмски директор на ФАД Стоби, организатор на „Рацинови средби“, директор на театарскиот фестивал „5РЕ“, како и дел од жирито за доделување на наградата „Петре Прличко“.
Годинава од 12 јули до 20 август ќе се одржи 65-то фестивалско издание на „Охридско лето“.