Фото: ЕПА

Бугарија доби нова влада, по голем број неуспешни обиди во изминатите четири години

  • Владата на Росен Жељазков беше поддржана од пратениците на ГЕРБ-СДС, БСП-обединета левичарска партија и Има таков народ, како и од партијата ДПС-ДПС. Против гласаа ПП-ДБ, Преродба, ДПС-нов почеток и МЕЧ. Во новиот владин кабинет, коалицијата ГЕРБ-СДС ќе има 11 министри, БСП-обединета левичарска партија пет, а Има таков народ ќе има четворица. ДПС-ДПС иако ја поддржа, нема да партиципира во новата влада
  • Бугарија претходно со години беше „замрзната демократија“ без државно управување, со расцепканост на партискиот пејзаж, што водеше кон растечка поларизација, што резултира со длабока политичка криза и институционална нефункционалност

Народното собрание на Бугарија го избра новиот владин состав што ќе го предводи премиерот Росен Жељазков, со што по многу обиди во изминатите четири години, седум изборни циклуси и два и пол месеци по последните парламентарни избори, Бугарија доби редовна политичка влада.
– Целта на нашите консултации беше да се постигне поширок консензус. Направивме големи напори, понекогаш работејќи до доцните часови, за да ги постигнеме потребните компромиси, договор што е апсолутно неопходен – истакна Жељазков, кој за мандатар беше предложен од ГЕРБ-СДС.

Коалицијата ГЕРБ-СДС добива најмногу министри

За новиот владин состав гласаа 125 пратеници, против беа 114, а немаше воздржани. Жељазков и новите министри веднаш по изборот положија заклетва. Владата на Жељазков беше поддржана од пратениците на ГЕРБ-СДС, БСП-обединета левичарска партија и Има таков народ, како и од партијата ДПС-ДПС. Против гласаа ПП-ДБ, Преродба, ДПС-нов почеток и МЕЧ. Во новиот владин кабинет, коалицијата ГЕРБ-СДС ќе има 11 министри, БСП-обединета левичарска партија пет, а Има таков народ ќе има четворица. ДПС-ДПС иако ја поддржа, нема да партиципира во новата влада.
Предложени се тројца вицепремиери, Томислав Дончев од ГЕРБ, Атанас Зафиров од Бугарската социјалистичка партија (БСП) и Гроздан Караџов од партијата Има таков народ, како и 19 министри. Коалицијата ГЕРБ-СДС според овој предлог ќе има 11 министри, БСП-обединета левичарска партија ќе има пет претставници во владата, а Има таков народ ќе има четворица.

Долгогодишната политичка криза остави сериозни последици

Познавачите на состојбите сметаат дека, вака како што е конципирана, идната бугарска влада тешко ќе ја промени позицијата кон земјава. Прашање е колку новата бугарска влада ќе сака воопшто да разговара со Македонија за одблокирање на преговарачкиот процес или ќе остане на добропознатите ставови дека за нив преговорите се завршени и дека Македонија тоа треба да го решава со ЕУ. Но, треба да се биде оптимист. И, секако, да ѝ се дадат мотив и поттик на Софија врз основа на изворните европски принципи и утврдени копенхашки критериуми да изгради концепт врз чија основа ќе се развиваат понатамошните заемни соседски односи, без да бидат загрозени со билатерални спорни прашања.
Бугарија претходно со години беше „замрзната демократија“ без државно управување, со расцепканост на партискиот пејзаж, што водеше кон растечка поларизација, што резултира со длабока политичка криза и институционална нефункционалност. Во двата претходни случаја во земјата кога беше формирана влада, таа опстана помалку од една година и ги покажа сите пропусти на договорениот брак. Во таква состојба, меѓу негативните последици беше забележано отсуство на значајни инвестиции во инфраструктурата поради неможноста да се носат важни закони, а беа намалени и надежите за пристапување во еврозоната.
Најдоцна 30 дена од потпишувањето на договорот за парламентарно мнозинство, ГЕРБ-СДС, БСП-обединета левичарска партија и Има таков народ треба да подготват и потпишат заедничка законодавна програма. Тоа е предвидено во текстот на договорот за формирање парламентарно мнозинство за спроведување програма за управување. Неизвесно е дали новиот владин состав може да гарантира политичка стабилност или ќе продолжи постојната политичка криза, што би довело до нови парламентарни избори. Р.С.


Состав на новата влада на Бугарија

Премиер – Росен Жељазков; вицепремиер и министер за иновации и раст – Томислав Дончев; вицепремиер – Атанас Зафиров; вицепремиер и министер за транспорт и врски – Гроздан Караѓов; министерка за финансии – Теменужка Петкова; министер за внатрешни работи – Даниел Митов; министер за надворешни работи – Георг Георгиев; министер за регионален развој и јавни работи – Иван Иванов; министер за труд и социјална политика – Борислав Гуцанов; министер за одбрана – Атанас Запријанов; министер за правда – Георги Георгиев; министер за образование и наука – Красимир Валчев; министер за здравство – Силви Кирилов; министер за култура – Маријан Бачев; министер за земјоделство и храна – Георги Тахов; министер за животна средина и води – Манол Генов; министер за економија и индустрија – Петар Дилов; министер за енергетика – Жечо Станков; министер за е-влада – Валентин Мундров; министер за туризам – Мирослав Боршош; министер за млади и спорт – Иван Пешев. Р.С.