Нова Македонија

Традиционален Вевчански карневал 2025

Традиционалниот Вевчански карневал и годинава започна со дефилето под маски кога двете василичарски друштва Горна и Долна маала тргнаа од влезот на селото, традиционално предводени со зурли и тапани, зетот, невестата, двата ѓаволи, Глупавите Августи. По нив се движеа и останатите маски инспирирани од актуелните политички и секојдневни случувања.

-Овие три дена се важни, не само за Вевчани, туку и за Република Македонија бидејќи имаме Вевчански карневал кој што е национален бренд и е уникатен и за Европа и целиот свет. Мораме да го негуваме и да ја оддржуваме оваа традиција, како и да ја надоградуваме. Иако овој карневал имал прекини во однос на финансирањето, ветувам дека секоја година се повеќе ќе се зголемува буџетот. Од овој момент е многу важна манифестација и за развој на туризмот. Се надевам дека ќе стане се посилен бренд за Македонија. Театарот секогаш го критикува општеството и политичките ситуации – и овој карневал ја има истата улога. Да ме критикува мене, општеството и политичарите и тоа треба да го прифатиме како многу позитивно, со цел да се подобриме кон општеството и политичарите. Многу ми е значајно кога имате критика кон општеството, што е здраво општество – изјави министерот за култура, Зоран Љутков.

Градоначалникот Спасе Кочовски вели дека Вевчани е спремно и покрај временските услови гостите доаѓаат, а Општината прави максимални напори за чистење на пристапните патишта и улици.

– Одамна не сме имале снежна атмосфера во Вевчани за Вечванскиот карневал. Условите се можеби поекстремни, но убаво е да се биде овие два дена во Вевчани. Општина Вевчани во соработка со јавното комунално претпријатие „Еремија“ 24 часа е на терен. Ги чистиме и регионалните патишта што не поврзуваат со Струга и Дебар за гостите да можат полесно да пристигнат – изјави Кочовски.

Секое карневалско издание за вевчанци е доживување. Инспирација за изработка на маските црпат од актуелните случувања во годината што изминала. Вевчанци ќе кажат се, но до дефилето не откриваат во што ќе се маскираат.

Манифестацијата завршува со традиционалното василичарско оро и палење на маските во центарот на Вевчани, на 14 јануари.

Во рамките на забавниот дел, вчеравечер ги забавуваа „Љубојна“, Наум Петрески, оркестарот „Вевчани“, како и Перо Бели и Коки Биоритам, кои точно на полноќ на присутните им ја честитаа Новата година, според Јулијанскиот календар.