Ако кажеме дека Данска како олимписки првак е сериозен фаворит четврти пат по ред да ја освои титулата светски првак и дека во првата четворка ќе ги видиме „експертите“, Швеѓаните и „црвената фурија“, нема да измислиме топла вода. Но искрено се надевам и прогнозирам дека барем две од погоренаведените нема да играат натпревари последниот викенд, а тешко дека меѓу нив ќе бидат Данска, со двајца моментално најдобри светски ракометари, и Франција со вонвременскиот Дика Мем (иако тазе рехабилитиран) и можеби најкомплетниот играч на „црта“, Лудовик Фабрегас
Почнува 29-от ракометен Мундијал во Хрватска, Норвешка и во Данска
Честит Божиќ на сите македонски ракометни фанови, кои го слават и му се радуваат на Христовото раѓање и среќна и успешна 2025 година на сите Македонци.
По подолг „пост“ од една цела декада неучества на големите смотри, Македонија преку бараж-дуел со една мала островска држава со одличен настап во салата „Борис Трајковски“ се пласира на СП во Хрватска.
ERRORRRR
Не, се збунив.
Македонија, „низ иглени уши“, во бараж-дуел со уште помала островска држава го продолжи континуитетот настапи на големите натпреварувања. Тренд на настапи што почна со пласманот на СП во Хрватска во 2009 година, совладувајќи го тогаш „големиот“ Исланд (селекција што само два месеца подоцна од тој бараж-дуел освои сребро на ЛОИ во Пекинг), тренд или традиција што добива сѐ поголема екстензија на учества на големите натпреварувања, со конечен триумф во бараж-дуелот против уште една селекција од северот, Фарските Острови. Македонија во бараж-меч за пласман совлада островска земја од северот на Европа, истото тоа ќе се игра во Хрватска, наш град „домаќин“ ќе биде Вараждин, пред преполна сала македонска Фаланга… (пре)многу коинциденција, која буди убави спомени за секој фан на македонската спортска национална гордост.
Засега доволно за Македонија.
Добре дојдовте на мојата колумна „Читај Ракомет со Горан Ѓоргоноски“, која овој јануари, за време на СП во ракомет, ќе се чита на страниците на најстариот македонски дневен весник „Нова Македонија“. Ветувам уште едно убаво патување низ ракометните меридијани, стручност, информираност и објективност. Очекувам критики, коментари и поддршка за нашите момци.
Утре, вторник 14 јануари, почнува 29-от ракометен мундијал, кој ќе се одржи во Хрватска, Норвешка и во Данска, со 32 селекции поделени во осум групи, кои ќе се борат за 24 места во следната рунда, поделени во четири групи по шест репрезентации. Најдобрите две селекции од секоја група, во втората рунда, ќе играат во нокаут-фазата, во четврт-финалето. Потоа следуваат полуфиналињата и завршните борби за медали. Малку технички информации за системот на натпревари.
Првенство, кое доаѓа веднаш по едни летни олимписки игри, како оние во Париз, по некоја логика треба да претставува почеток на нов циклус (оној олимписки) од четири години, по кој националните тимови се ориентираат и за кој ќе се подготвуваат. Што значи тоа? Тоа значи дека по најголемиот светски настан минатото лето во Париз, некои селекции конечно „се отарасија“ од „старците“ или од оние што достигнале зенит и нема да можат да бидат дел од тимот за нешто повеќе од три години во Лос Анџелес. Најголем рез направија Шпанија и Словенија, Аргентина, Данска комплетно „се исчисти“, и тоа без никакви последици, Германија итн.
А сега, да видиме кој е кој или кој што сака да биде?
ДАНСКА СО ГИДСЕЛ И НИЛСЕН Е ПРВ КАНДИДАТ ЗА ТИТУЛАТА, ШВЕДСКА И ШПАНИЈА НАДВОР ОД ГОЛЕМАТА ЧЕТВОРКА?
Ако кажеме дека Данска како олимписки првак е сериозен фаворит четврти пат по ред да ја освои титулата светски првак и дека во првата четворка ќе ги видиме „експертите“, Швеѓаните и „црвената фурија“, нема да измислиме топла вода. Но искрено се надевам и прогнозирам дека барем две од погоре наведените нема да играат натпревари за медал, а тешко дека меѓу нив ќе бидат Данска, со двајца моментално најдобри светски ракометари, и Франција со вонвременскиот Дика Мем (иако тазе рехабилитиран) и можеби најкомплетниот играч на „црта“, Лудовик Фабрегас.
Се надевам, за доброто на ракометот, имајќи превид каква лига финансираат и каква промоција на нашиот спорт е истата таа, во тие четири полуфиналисти ќе го видиме трикратниот светски првак Германија, со оската Волф-Кнор-Гола, сѐ повеќе играчи од златните јуниорски првенства и домаќинот Хрватска, како круна на кариерата на најкорисниот ракометар (*со внимание на терминот најкорисен), кој го дале овие наши бившојугословенски простори, безвременскиот Домагој Дуле Дувњак. Можеби преамбициозно за селекција што смени доста селектори и која не покажува знаци дека може да оди докрај, селекција што нема магионичари како Ивано, нема шармери како Вори, „небески летачи“ како Лацковиќ, егзекутори како Мирза или комплетни играчи како Метличиќ. Но има сериозно име на клупата во Дагур Сигуртсон и ростер од играчи што (голем дел) треба допрва да „набиваат“ цена на трансфер-пазарот. Тоа значи дека мотив пред домашна публика нема да им недостига.
Веднаш зад гореспоменатите шест селекции, своја шанса ќе гледаат Унгарија, Египет, Словенија, Португалија и можеби Норвешка и Исланд.
РАКОМЕТНА СФРЈ СО ПРЕПОЛОВЕН КАПАЦИТЕТ, МАКЕДОНИЈА ОДИГРА МУДРО, БАЈПАСИРАШЕ И ГО ЗАДРЖА РИТАМОТ
Ако во минатата година, пред ЕП во Германија, наголемо пишувавме за тоа како во полн сјај цела Југославија се пласирала на едно големо натпреварување, овој пат бројката е преполовена. „Големите“ балкански селекции Словенија и Хрватска, како резиденти и освојувачи на медали на едно ЕП или СП, и нашата Македонија ќе ја претставуваат, некогаш, најдобрата ракометна лига во светот. За жал, Србија по лошиот настап на ЕП во Германија се „сопна“ во баражот за ова СП на големиот фаворит Шпанија, БиХ е секој ден сѐ полоша и организациски и логистички и изгледа безнадежно, а Црна Гора, без квалитетен „кормилар“ не успеа да го задржи трендот на учества и покрај добриот состав на млади играчи. Сето ова го пишувам за да можеме да ги доловиме впечатокот и важноста на континуирано учество на нашиот национален тим на големи
те смотри, дури и во фази на сериозен „ремонт“ на истиот тој. Македонија одигра мудро, ги „исцеди“ своите најголеми ракометни јунаци, „бајпасираше“ во одреден период, чекајќи да надојдат новите момци, кои, сигурен сум, ќе ја продолжат успешната приказна.
Повеќе за Македонија во следната моја колумна!
Да видиме каде се „сместија“ братските Словенија и Хрватска?
СЛОВЕНИЈА ЌЕ ПРОМОВИРА НОВИ ЛИДЕРИ И ЌЕ ОСТАНЕ КОНКУРЕНТНА ЗА (НАЈ)ВИСОК ПЛАСМАН, ИСЛАНД ИЗГЛЕДА ПОТРОШЕНО!
Најголемото изненадувања на ЛОИ во Париз, предводено од „ракометниот маг“ на клупата, Урош Зорман, ќе има тешка задача да го одржи нивото што го достигна на игрите во минатото лето, имајќи предвид дека има неколку неизвесности во тимот, но и големиот рез и подмладување на истиот тој. Сепак, гледајќи го изборот, Словенија повторно има конкурентен тим и може да се очекува некои нови момци да го „водат орото“. Поддржани од искусните Мачковшек, Блаж Јанц, Зарабец и големата ѕвезда Алекс Влах, очекуваме конечно Макуц, Овничек и Митја Јанц да преземат повеќе одговорност и да се наметнат како важни алки за следните пет-седум години. Тадеј Кљун, заедно со Митја Јанц, може да биде изненадување во составот.
Словенија има релативно лесна група, во која не е доведен во прашање пласманот во следната рунда, а ниту делот дали ќе се пренесат бодови. Имајќи ја предвид состојбата на главниот конкурент во групата Г, селекцијата на Исланд и проблемите со повредени, но и уште поважно потрошени играчи, Словенија има убава можност во следната фаза да се пласира со максимален број бодови. Кога на тоа ќе се додаде дека во следната фаза „налетува“ на домаќинот Хрватска (која во петокот во пријателски натпревар ги надигра Аргентина и Египет) амбициите би требало да им бидат големи. Имаат габарит, имаат транзиција, имаат играчи што знаат со топка и се „модерни“ во однос на тоа каде се движи ракометот последниве години, едноставно имам чувство дека имаат систем што, без кој било поединец, ќе функционира одлично. Ако голманите Ферлин и Лесјак одржат ниво, Зорман повторно ќе биде „мејнстим“.
„ГОЛЕМИОТ“ ПАШТОР ГИ РЕДИ КОЦКИТЕ НА ЕГИПЕТСКАТА ПИРАМИДА, ДУВЊАК КАКО ТОВАР ИЛИ ДОДАДЕНА ВРЕДНОСТ НА ТИМОТ?
Домаќинот, од друга страна, има за нијанса потежок пат до следната рунда. Групата Х, покрај Хрватска, ја сочинуваат „шпанскиот“ Египет, незгодната Аргентина и аутсајдерот Бахреин. Египет со еден од основоположниците на системот што „продаде“ најмногу тренери низ светот, Хуна Карлос Паштор на клупата и физички доминантни играчи, очекува многу на ова СП. Голем дел од играчите се во самиот зенит, Паштор имаше доволно време да имплементира шпански систем, да стави малку дисциплина и одговорност во играта, сегмент што секогаш е спорен кога се работи за африканска селекција. Ако во тој сегмент успеал да направи чекор напред или два, „фараоните“ ќе бидат сериозен конкурент за влез во првиот осум. Позитивно за Египет е што добар дел од играчите играат во еден тим, Ал Ахли, и се дополнети со „европските“ ѕвезди Јахија од ПСЖ, Елдера од Лимож, Хешам од Монпелје и Али Зеин од Динамо Букурешт.
Хрватска, од друга страна, има солидни голмани (штета за Мандиќ) на ова СП, одличен играч на десната бековска позиција, кој игра во два правца, многу талент на левата бековска позиција и мал проблем со организација на играта. Не изгледаат во напад убаво, решаваат на сила со одредено ниво на противници. Имаат лидер на терен и пример на спортист што трае, но дали истиот тој ќе им биде товар или додадена вредност, останува да видиме. Пред некоја година, повеќемина беа изненадени кога за „големиот“ Никола напишав дека станува товар на францускиот национален тим и ПСЖ. Дувњак е на таа линија.
Аргентина без браќата Симонет не е иста селекција и тоа му е јасно и на новиот селектор Рудолфо Јанг. Голема промена на генерации, која, многу веројатно ќе го земе данокот на ова СП.
Засега толку. Не ја „чепнавме“ Шведска, која доаѓа десеткувана, ниту Шпанија, која сериозно го подмлади составот, но уште го има феноменалниот Душебаев. Бразил „стиска палци“ Монте да нема сериозна повреда за да биде пријатно изненадување. Ќе имаме уште можност да ги „чешламе“ повеќето од селекциите што ќе се пласираат во следната рунда.
Во утрешното издание Македонија е на дневен ред.
Читај Ракомет со Горан Ѓоргоноски.
Анализа на Горан Ѓоргоноски за „Нова Македонија“
Авторот е поранешен ракометен репрезентативец и основач на проектот „Ракомет за секое дете“