Нераскинлива врска втисната на хартија

„Нова Македонија“ како национален весник чие битие се совпаѓа со битието на македонскиот народ и со идентитет и цивилизациските вредности што тој ги создал, во рамките на својата уредувачка политика има одговорност за одржување на националното единство. И токму затоа сметаме дека е особено важно да им се даде поддршка и на Македонците надвор од државата за да бидат слушнати. Да почувствуваат дека сме дел од една целина, а не дека се подзаборавени. Затоа ја втиснавме на хартија нивната нераскинлива врска со матицата

Соочени со голем број проблеми, додека секојдневно водат тешки битки опкружени со многу повеќебројни противници, нивната истрајност и непоколебливост постојано се ставани на тест. И тие достоинствено и решително ги пребродуваат предизвиците со кои се соочуваат, водени од единствената мисла и определба за заштита на она што е бесценето, своите култура, јазик, националност, односно својот идентитет. Ова се однесува на припадниците на македонскиот народ во делови од најблиското соседство, поради специфичните историски и политички околности, но во извесна мера и на сите оние надвор од границите на својата матична држава Македонија, кои се воспитувани во духот на македонските традиции, без разлика дали се иселиле оттука или се родени во странство.
Увид во условите во кои живеат Македонците во соседството може да се стекне преку интервјуата со најистакнатите претставници на македонското малцинство во Бугарија, Албанија, Грција и во Србија, кои „Нова Македонија“ ги објави во новогодишниот број, давајќи им можност на оние што го претставуваат гласот на својот народ да ги искажат тешкотиите, проблемите, желбите и идеите, сѐ со цел подобрување на животот и положбата на сонародниците и за одржување врска со матицата. Заеднички заклучок од нивните изјави е дека тие се лојални граѓани на државите во кои живеат, но истовремено се непоколебливи во зачувување на националниот идентитет и се решени да ја подобрат положбата на Македонците. Тие ја чувствуваат грижата на Македонија кон нив, но сметаат и дека може да се направи уште повеќе преку нивна координација со институциите во државава. Во лојалноста кон Македонија на припадниците на македонскиот народ во соседството во повеќе наврати можев лично да се уверам, при разговорите со дел од нив или, пак, кога службено присуствував на отворањето на македонскиот клуб „Никола Вапцаров“ во Благоевград, Бугарија, каде што слушнав повеќемина повозрасни Македонци како зборуваат колку им значи тој симболичен чин и од каде допатувале за да присуствуваат на таквиот настан. Тие достоинствено го одбележаа отворањето на просториите на македонскиот клуб и направија прошетка низ градот, наспроти провокациите со кои се соочија. Иако тоа беа инциденти предизвикани од поединци, даваа приказ на притисокот на кој се изложени Македонците во Бугарија.

Но нивното однесување е силен доказ дека тие ќе се спротивстават на сите обиди за асимилација во Бугарија, кои, како и во Албанија, моментно земаат замав, за што веќе пишувавме во низа текстови, давајќи придонес во заедничката борба за спротивставување на ваквите злонамерни практики.
„Нова Македонија“ како национален весник чие битие се совпаѓа со битието на македонскиот народ и со идентитет и цивилизациските вредности што тој ги создал, во рамките на својата уредувачка политика има одговорност за одржување на националното единство. И токму затоа сметаме дека е особено важно да им се даде поддршка и на Македонците надвор од државата за да бидат слушнати. Да почувствуваат дека сме дел од една целина, а не дека се подзаборавени. Затоа ја втиснавме на хартија нивната нераскинлива врска со матицата.

Увид во условите во кои живеат Македонците во соседството може да се стекне преку интервјуата со најистакнатите претставници на македонското малцинство во Бугарија, Албанија, Грција и во Србија, кои „Нова Македонија“ ги објави во новогодишниот број, давајќи им можност на оние што го претставуваат гласот на својот народ да ги искажат тешкотиите, проблемите, желбите и идеите, сѐ со цел подобрување на животот и положбата на сонародниците и за одржување врска со матицата. Заеднички заклучок од нивните изјави е дека тие се лојални граѓани на државите во кои живеат, но истовремено се непоколебливи во зачувување на националниот идентитет и се решени да ја подобрат положбата на Македонците

Многумина од македонската дијаспората честопати се позасегнати за состојбите во земјава и од оние што живеат тука, поздушно навиваат за македонските спортски селекции, поемотивно ги слушаат македонските песни и ги гледаат македонските филмови. Тоа на некој начин е и природно, а можеби и пропорционално со нивната оддалеченост од родната грутка, односно од земјата од каде што потекнуваат, како и со бројот на годините поминати надвор од неа. Се стекнува впечаток дека го прават тоа без да очекуваат нешто за возврат, но важно е да знаат дека и во матичната држава се води грижа за нив.
Оваа идеја за сенационално обединување преку страниците на „Нова Македонија“ беше препознаена и од нашите читатели, кои, можеме нескромно да кажеме, изразија силни пофалби за објавените интервјуа. Во многубројните пораки што стигнаа до редакцијата, објавувањето на интервјуата беше наречено „професионален и национален потег“, „вистински и полн погодок, потег за секоја пофалба, каков што досега не е направен во целокупната историја на македонското новинарство“. Таквите коментари ни покажуваат дека сме на вистинскиот пат и ни даваат уште поголем поттик заедно со дијаспората, каде и да се наоѓа, да истраеме и да ги надминеме сите проблеми со кои се соочуваме, со цел зачувување на националните особености и традиции и за подобро утре.