Во МАНУ промовирана нова книга од историчарот Стојко Стојков
Новата книга на македонскиот историчар и копретседател на ОМО Илинден- Пирин, проф. д-р Стојко Стојков, насловена „Многуимените други. Македонија – пресечна точка на Другоста на средновековниот Балкан“, беше промовирана завчера во Македонската академија на науките и уметностите.
– Овој труд е плод на 25-годишни истражувања. Целта ми била секогаш – вистината и сум направил сè што сум можел… Колку сум успеал – тоа други ќе проценуваат. Книгава не ја гледам како почеток – други почнале пред мене, а не е ниту крај – планирам, ако даде бог здравје и можност, да продолжам да работам на оваа тема, зашто има многу што треба да се истражи. Но се надевам дека таа ќе биде поттик и за повеќе учени да се вклучат, и особено да биде од корист за читателите – изјави Стојков.
Промоцијата беше организирана од Комитетот за византологија и медиевистика на Република Македонија (КВМРМ). Делото е замислено како прво издание во новата едиција на Комитетот, насловена „Macedonia Byzantina“ („Византиска Македонија“). На промоцијата немаше можност за купување примероци од книгата. Промотори на книгата беа претседателот на КВМРМ, проф. д-р Тони Филипоски, и неговиот колега од матичниот Филозофски факултет, проф. д-р Александар Атанасовски.
Книгата ги проучува идентитетите во средниот век, оскудноста на историските извори, заплетканоста околу сето тоа и нивната злоупотреба денес во политички и геополитички цели. Пишаното дело е поделено на три целини, така што во првите два дела се говори за етнонимите Словени и Бугари во историска Македонија, но и пошироко на Балканот, кои и според Атанасовски и Филипоски, биле егзоними т.е. туѓи називи за населението, а не ендоними – изворни етнички имиња што произлегле од народот. Во третиот дел од книгата се говори за Царството на Комитопулите, како што историчарите ја нарекоа Самоиловата Држава. Книгата ќе се продава во книжарниците на „Матица македонска“. Н.М.