Главниот судија и помошниците треба што побрзо да се приспособат на ВАР, треба да имаат добра комуникација со колегите во студиото, и треба да го користат онолку колку што е потребно, без претерување, вели Емил Божиновски, контролор на УЕФА за мечевите во ЛШ

Поранешниот истакнат фудбалски судија со лиценца на Светската фудбалска федерација (ФИФА), Емил Божиновски (54), сега е во улога на контролор на натпреварите во најквалитетното клупско европско натпреварување, Лигата на шампионите (ЛШ). Последен натпревар на кој го оценуваше делењето на правдата беше на мечот ПСЖ – Ливерпул (2-1) во Париз минатиот месец. Тој вели дека е запознаен со одлуката на Европската фудбалска унија (УЕФА) системот видеоасистент-судија (ВАР) да се воведе во ЛШ од февруари следната година, од осминафиналето.

– Да, слушнав, но за други детали не знам. Очекувам наскоро, најверојатно по завршувањето на мечевите од групната фаза во ЛШ, да добиеме известување за некаков семинар, обука и слично, за поконкретни информации околу употребата на таа технологија. Генерално мојата задача како контролор нема многу да се промени, во нашиот фокус и понатаму ќе бидат четворицата судии, иако се изземаат оние двајца зад головите. На главниот судија и на неговите помошници им останува што побрзо да се приспособат на ВАР, да имаат добра комуникација со колегите во студиото и да го користат онолку колку што е потребно, без претерување. Тоа значи дека и понатаму треба да бидат максимално концентрирани, да ја следат играта, да донесуваат правилни одлуки и да не ја прекинуваат и да не ја сецкаат играта непотребно, потпирајќи се врз видеотехнологијата. Дефинитивно ВАР се покажа како корисен на Светското првенство во Русија, сега е на судиите, на теренот и во студиото, па и на сите нас околу нив, тоа да се користи на начин, пред сѐ, за да се заштитат фудбалската игра и ферплејот и да нема непотребни прекини и нервози – вели Божиновски.

ВАР се користи во четири спорни ситуации. Гол (да, не), пенал, црвен картон (директен), и замена на идентитет на фудбалерот. Досегашните искуства од примената на ВАР, на СП 2018, во Италија, Шпанија, Германија, Франција, Португалија, Холандија, Полска, Австралија, во неколку други спортови во САД, се покажаа како позитивни.

Македонски судиски претставник во фудбалска Европа, кој сезонава ја дели правдата на натпреварите во Лига Европа (Малме – Бешикташ, Краснодар – Стандард) е Александар Ставрев (41).

– Со ВАР во почетокот ќе се справуваат колегите што судат мечеви во ЛШ и кои во националните лиги користат таква технологија и имаат повеќе искуство. Очекувам на истекот од годинава, на традиционалниот двонеделен зимски судиски семинар на кој се прави анализа на судењето и проверка на нашата физичка подготовка, да бидеме запознаени и со новините околу воведувањето на видеотехнологијата. Што се однесува до ВАР, искуствата на колегите од странство се крајно позитивни. Тие сега се порелаксирани бидејќи со ВАР во 99 отсто од натпреварите нема шанси да им се случи некаков голем гаф, со погрешна одлука да влијаат врз исходот на натпреварот. Тоа е големо олеснување за нив, за сите инволвирани, на крајот на краиштата, тоа е добро за фудбалот – вели Ставрев.


Системот не е (пре)скап?

Нема точна сума околу парите потребни за инсталирање на системот видеоасистент-судија (ВАР) во фудбалот. Но со оглед дека станува збор за видеоопрема што ја поседуваат ТВ-куќите (камери и слично) што ги пренесуваат натпреварите, претпоставката е дека не е (пре)скап. Бразилските медиуми информираа дека на почетокот од годинава фудбалската федерација (ЦБФ) побарала од клубовите сами да ги платат трошоците за инсталирање на ВАР, во износ од околу шест милиони евра, или по клуб околу 300.000 евра. Повеќето клубови одбиле да го сторат тоа бидејќи им било прескапо. Л.Д.