Под работен наслов „Играме и пееме од 7 до 77“, пред преполната сала од Центарот за култура во Кичево, својот традиционален новогодишен концерт го одржа КУД „Нико Пусоски“ од Кичево, друштво што годинава одбележи 77 години од своето постоење. На концертот беа изведени голем број орски сплетови и песни од женската и машката група, а учествуваа и оркестарот на народни инструменти и мешаниот оркестар
– Вечерва најстарото и најреномирано културно-уметничко друштво во Кичево, во Центарот за култура во нашиот град го одржа традиционалниот новогодишен концерт, на кој учествуваа сите игроорци на друштвото некогашни, сегашни и идни на возраст од 7 до 77 години. Громогласните аплаузи беа најдобра потврда за квалитетот на она што го прикажавме пред нашите сограѓани. Фолклористите изведоа повеќе орски сплетови од „Тресеница“, преку „Игри од Овчеполието“, „Игри од Пустец Албанија“, „Бркање на чумата“, „Мори моме Митро“, „Бувчанка“ и „Доце, Доце“. Женската пејачка група ги изведе песните „Мори чупи костурчанки“ и „Ајде ако знаеш“. Машката вокална група изведе исто така две песни, како и оркестарот на народни инструменти и мешаниот оркестар. Со по две изведби пред нашите сограѓани се претставија на гајда синот и таткото Теодор и Синиша Груески, а наши гости беа и членовите на групата „Распеани кичевчани“ – истакна Аце Јованоски, кореограф и претседател на друштвото, кој најави многу активности на друштвото за 2025 година.
Инаку, друштвото во изминатите 77 години посетило над 20 земји на три континенти, а во него продефилирале над 2.000 игроорци, пејачи и инструменталисти. З.А.