Во Сојузот на бугарските уметници во Софија е отворена ликовната изложба „Пред екранот“, составена од дела на 21 автор од Македонија и од Бугарија.
– Годинашното издание на проектот „Поврзување“ на македонскиот КИЦ во Софија ја претставува изложбата „Пред екранот“, преку која ги поставуваме ликовното творештво и градивниот човечки импулс над разединетоста, поларизацијата и воинственоста во светот. Појдовната замисла на изложбата „Пред екранот“ беше да ги стави во фокус информативните техники и технологии, како и начинот на нивното користење. При изборот на делата требаше да се размислува за современата техника, преку која добиваме информација, која најчесто е во редактиран, инстант вид – вели Иво Пецов, куратор.
Тоа беа прашањата на кои уметниците се обидоа да ги дадат своите визуелни одговори, а тие беа реализирани во најразлични ликовни техники. Структурата на претставените автори се состои од три дела. Првиот дел го сочинуваат авторите од неформалната група „Конекција“, тоа се ликовните уметници од Македонија што живеат и работат во Бугарија: Маријана Иванова, Зоран Мише, Марјан Ѕингаров, Перица Георгиев-Пепси, Кољо Мишев, Павел Целкоски и Иво Пецов. Втората структурна единица ја оформи кураторот Горанчо Георгиевски со македонските современи уметници: Жанета Вангели, Ирена Паскали, Моника Мотеска, Ѓорѓе Јовановиќ, Зени Балажи, Вана Урошевиќ и Иванчо Талевски. Третиот дел од седум бугарски современи автори го состави Сузана Николова: Богдан Александров, Елизар Милев, Емил Бачијски, Иво Бистрички, Карина Попова, Свилен Стефанов и Слав Недев.