Фото: „Нова Македонија“

Ре­ал Ма­дрид е победник на првиот Ин­тер­кон­ти­нен­та­лен куп на ФИФА, а претходно трипати триумфира во не­ко­гаш­ни­от Ин­тер­кон­ти­нен­та­лен куп и има пет трофеја од клуп­ски­те свет­ски пр­венс­тва на ФИФА

ФУДБАЛ

Европскиот првак Реал Мадрид (Шпанија) го освои Интерконтиненталниот куп на Светската фудбалска федерација (ФИФА) по победата со 3-0 на мечот во Катар со шампионот на Северна Америка, Пачука (Мексико), со головите на Килијан Мбапе, Родриго и на Винисиус Жуниор. Дуелот беше прв досега помеѓу двете екипи, а Пачука нема да мора долго да чека за уште една шанса против Реал Мадрид, откако двата тима се во групата Х на проширеното клупско Светско првенство (СП) в година, во САД.
Интерконтиненталниот куп на ФИФА им дава шанса на шампионите на сите шест конфедерации да се натпреваруваат на глобалната сцена на годишно ниво и обезбедува совршена можност за развој и зајакнување на глобалните спортски ривалства пред новото клупско СП на ФИФА, кое ќе дебитира во 2025 година и ќе се одржува секои четири години, пишува ФИФА. Откако беше лансиран првпат, како клупско СП на ФИФА во 2000 година, Интерконтиненталниот куп на ФИФА еволуира и стана главен годишен турнир во глобалниот клупски фудбал, при што победниците ја имаат титулата светски шампион за следната календарска година. На првото издание на тогашното клупско СП на ФИФА во Бразил учествуваа осум екипи од шест конфедерации. Турнирот се одвиваше паралелно со Интерконтиненталниот куп, на кој од 1960 година играа прваците на Јужна Америка и на Европа. Во октомври 2017 година, Советот на ФИФА го одобри предлогот со кој се признаваат сите европски и јужноамерикански тимови што го освоиле Интерконтиненталниот куп одигран помеѓу 1960 и 2004 година, за клупски светски прваци, пишува ФИФА. По пауза помеѓу 2001 и 2004 година, кога се играше Интерконтиненталниот куп, натпреварувањето се врати во 2005 година како клупско СП на ФИФА и продолжи да расте, а во 2024 година турнирот влезе во нова фаза на еволуција со основањето на Интерконтиненталниот куп на ФИФА, при што победниците од секоја од шесте конфедерации се натпреваруваат на глобалната сцена на годишно ниво, пишува Светската фудбалска федерација.
Реал Мадрид сега има вкупно девет планетарни трофеи, и тоа три од некогашниот Интерконтинентален куп (освоени во 1960, 1998 и 2002 година), потоа пет од клупските светски првенства на ФИФА (2014, 2016, 2017, 2018 и 2022 година), како и пехарот од годинашниот прв Интерконтинентален куп на ФИФА. Н.М.