Фото: Приватна архива

Македонското литературно друштво „Кочо Рацин“ од Мелбурн, Австралија, на 5 декември 2024 година одржа промоција на книгата „За хероината Гордана Димовска“ од Гордана Такец во библиотеката Мил Парк. Книгата излезе од печат во јули годинава, а во септември ја доживеа својата прва промоција во Битола.

Промотор во Мелбурн беше драмската актерка Дона Димовски Кантаровски која по тој повод изјави: „Ми претставува чест и задоволство да ве воведам во убавините на книгата која верувам ќе ви остави силен впечаток. Оваа книга е многу значајна за нас Македонците во светот, и е за пофалба тоа што Гордана Такец испиша роман за да не се заборават добрите дела и активности, да служи како инспирација на наредните генерации“.

Книгата има 244 страници а пред да го започне првото поглавје Гордана Такец пишува: „Да се биде жена е голема привилегија затоа што ако си жена ти си се на оваа планета“.

Несебичната љубов, копнеж кон родот свој, болка и тага за родната грутка таа голема и силно изразена македонштина, е нешто кое Гордана Такец го забележа и реши да го претвори во роман за Гордана Димовска. Гордана Такец е неуморен творец која доследно го продолжува патот на нејзиниот татко Димитар Димитриевски – Такец – кој остави бесценети дела за Битола.

Понатаму во книгата се вели: „Гордана Димовска е еден чудесен лик но во исто време , личност со апсолутна едноставност, таа е публицист, поет, писател , уметник, таа е феномен за кој е сосема заслужна самата со се она што го работи. Таа твори и живее, Таа живее и твори, Таа е една од ретките уметници која трпеливо ја гради својата пирамида, камен по камен, издигнувајќи се до височините“.

На почетокот на промоцијата беа изрецитирани две поеми од младите членови на МЛД „Кочо Рацин“, Коста и Јован Дамјановски. Во продолжение Роза Трајковска  прочита поздравно писмо и биографија од авторката Гордана Такец кои беа поздравени со аплаузи.