Во Музејот на Македонија денеска, со почеток во 18.30 часот, ќе биде отворена изложбата „Богородица мост помеѓу небото и земјата“. Иконите и фреските што се претставени на изложбата се само мал дел од многуте предмети од богатите колекции на музејот.
Во дел од збирките на музејот се наоѓаат икони и фрескокопии од целата територија на Македонија, кои претставуваат важен дел од уметничкото богатство. Тие не се само уметнички дела туку и духовни симболи што верниците ги користат за да се поврзат со божественото. Ликот на Богородица, како заштитничка и мајка, нуди утеха и надеж, а тоа ја прави една од најчестите фигури во христијанската уметност, бидејќи нејзиниот живот на Земјата бил исполнет со морална чистота, светост и со добри дела. Преку нејзиното девствено зачнување на Спасителот, таа е мостот помеѓу небото и Земјата. Низ вековите се развиле многубројни теми и циклуси поврзани за нејзиниот лик и дело, произлезени од старозаветните книги.
Автори на концепцијата за изложбата се Марија Петковска и Татјана Трајковиќ, кустоски во Музејот на Македонија.