Предавање, работилница и шетачка театарска тура низ Скопје
Предавање, работилница и перформативна театарска тура изведувана по улиците на Скопје, на уметничкиот проект „Градот како сцена: Пловечки универзитет“, ќе се одржи од 5 до 7 декември, на неколку различни локации. Тридневниот уметнички проект почнува в четврток, во амфитеатарот на Архитектонски факултет во Скопје, каде што ќе се одржи јавно предавање на Кристин Лаз и Дејвид Нил Морси од Берлин, членови на „Флоутинг јуниверзити“ (Пловечки универзитет), на кое ќе се говори за поврзаноста меѓу природата и културата и за просторни експерименти во басенот за задржување дождовница.
– „Флоутинг јуниверзити Берлин“ е експериментален простор за спознавање на поврзаноста меѓу природата и културата, заеднички труд на повеќе од 50 уметници, дизајнери, архитекти, научници, инженери. Сместен во напуштениот басен за задржување дождовница во близината на поранешниот аеродром „Темпелхоф“, овој хибриден простор функционира како составен дел од некогашниот систем за управување со води, а истовремено служи и како живеалиште на мочуришни растенија, птици, жаби, лилјаци и лисици. Кампусот, кој е изграден со употреба на материјали со низок ризик за животната средина, вклучува прототипови на системи за филтрирање вода и служи како полигон за тестирање практики на одржлив дизајн. Денес, „Флоутинг јуниверзити“ вклучува широк спектар внатрешни и надворешни културни и образовни програми, поттикнувајќи дијалог за односот меѓу луѓето, урбаните средини и светот што не е само човечки. Проектот има амбиции да стане „двигател на трансформација“, отворајќи го патот за хибридна инфраструктура, која интегрира еколошки, социјални и јавни вредности во долгорочниот развој на просторот – велат организаторите на настанот.
Кристин Лазарова (1992, Софија) студирала архитектура и урбанистичко планирање во Штутгарт и урбанизам и општествени промени во Копенхаген. Кристин колективно дизајнира урбани простори и држи предавања на таа тема. Од 2015 година Кристин работи за и со служби и колективи за урбанистичко планирање во Штутгарт, Цирих и Берлин. Дејвид Нил Морси е урбан дизајнер, практичар и урбанист специјализиран за структури оддолу-нагоре, партиципативни пристапи и културен урбан развој. Студирал во Келн, Дизелдорф, Рио де Жанеиро и Лисабон. Од 2017 година тој придонесува во различни иницијативи за урбан развој, трансформирајќи ги напуштените згради во живи културни простори во Келн и во Берлин.
Вториот ден (6 декември) ќе се одржи целодневна работилница со студенти на Архитектонскиот факултет – Лабораторија за просторно изведувачки практики, која ќе ја предводат Кристин Лаз и Дејвид Нил Морси од „Фолутинг јуниверзити“, а ќе трае од 16 до 20 часот. Темата ќе биде „Иднината на киното во Железничката зграда“.
„Градот е јавност #1“ е шетачка тура, која ќе се одржи в сабота (7 декември) и ќе трае од 12 до 18 часот. Турата е замислена како театарски перформанс во четири чина и е предводена од интердисциплинарниот уметник и архитект Филип Јовановски. Перформативната шетачка тура почнува од студентскиот дом „Гоце Делчев“ во 12 часот, вториот дел од турата почнува во 13:30 часот со јавен перформативен ручек со „Флоутинг јуниверзити“ во Железничката зграда и во Архитектонскиот факултет, третиот чин почнува во 15 часот и е наречен „Отфрлање на модернизмот“. Турата завршува во Албанскиот народен театар во Скопје. Куратор на овој перформанс е Владимир Јанчевски, кураторската поддршка е на Софија Григоријаду, актерка/изведувачка е Мартина Даниловска. Авторскиот и драматуршкиот концепт се на Филип Јовановски, соработници на авторскиот концепт се Ивана Самандова и Димитар Милев, дел од креативната продукција и координација е и Екатерина Добривојевска.
„Градот е јавност“ претставува еден од серијата јавни настани/интервенции во јавен простор развиени во рамките на едукативната платформа „Градот како сцена: Изведување на јавниот простор“. Работата се надоврзува на неколкугодишното истражување и работа на интердисциплинарниот уметник и архитект Филип Јовановски во рамките на програмските активности на организацијата „Факултет за работи што не се учат – ФРУ“, во насока на истражување јавни простори и подоцна продукција на истражувачки перформативно-театарски проекти (претстави/интервенции) за истите тие простори.