Слушнав и прочитав некаде дека Скопје е најзагаден град на балканскиот простор, трет по загаденост во Европа и деветти или десетти град во светот по истата квалификација! Што ни се случи или како дојдовме до оваа неблагодарна еколошка потврда, да бидеме први по загаденост на воздухот во главниот град, со тоа и во државата? Некои ќе речат не живееме само ние во загаден воздух и простор, штом сме ние први по некоја проста логика треба да има и некои други по нас, градови и земји што ја делат истата судбина да живеат во исти загадени услови како и ние! Ова звучи како добро одбрано утешение, кое може да се продолжи и на други работи што се поврзани за ова проблематика, на пример секакви отпадни предмети што си ги распоредуваме по целата површина од државава, на некои места можат да се видат променет тек на некои реки за да се користи нивното богатство песокот, кој е многу потребен во градежништвото, или благи ридови што се обележени со длабоки лузни, како последица на копање камен за изработка на соодветен градежен материјал. Ако одиме по оваа линија, исто така може да се каже дека не треба да се претерува во ништо, бидејќи од нешто индустријата треба да врти, кога врти создава нови работни места, нели од нешто треба да се живее, затоа младите ни одат надвор од земјава, со можноста за вработување дома нема да има потреба од заминување надвор! Ова звучи логично, но сепак, осакатена планина не личи, зошто не се копа камен од другата страна на планината, каде што лузните нема да се гледаат и ќе живееме во надежен и помалку лажен простор и свет!
Во Република Македонија живеат два милиони и нешто ситно граѓани, еден не толку мал процент постојано заминува надвор, во надежниот свет, еден друг дел граѓани од внатрешноста на земјава се доселува во главниот град исто така убеден дека тука ќе ги најде многу посакуваната среќа и радост!
Селидби имало отсекогаш. Луѓе оделе од село во град, од една земја во друга, така се создавале нови континенти, со тоа и други земји. Ама мене ми се чини дека тоа било нешто друго, некои оделе и се враќале, сега многумина од нашите граѓани одат со намера да не се вратат! Денес тоа стана мода или манир, колку и да изгледа невкусно ваквото тврдење.
Што е парадоксот на денешниве современи климатски состојби? Спомнавме, научно и од еколошки аспект е потврдено дека Скопје е најзагаден град на овие простори. Местоположбата на Скопската Котлина, повторно според проверени научни докази од ова материја, не дозволува ширење кон исток и запад, туку само кон југ, по должината на реката Вардар и кон север, односно кон изворот на реката. Значи, лаички се прашувам, кога научно и стручно е потврдено дека нашиот главен град е на прво место по загаденост, како е можно да не се размисли како да се стопира, спречи, тој процес на загадување и наместо тоа, продолжуваме кон уште поголемо загадување, ете тоа се прашувам? Да се поврземе со тие што мислат дека таквата нездрава состојба не се случува само кај нас туку и други градови и држави го имаат истиот или сличен проблем. Така е, ама не е баш така! Еден пример од нашето блиско опкружување. Љубљана, главниот град на Република Словенија, кога нам ни се случи земјотресот од шеесет и трета, имаше некои сто и педесет илјади жители, колку што имаше и Скопје. Сега главниот град на Словенија има двесте и педесет до триста илјади жители, Скопје дојде до милион граѓани!
Повторно како недоволно информиран граѓанин, се прашувам, како е можно една мала и помалку сиромашна држава да си дозволи дел од граѓаните што живеат, живееле, во внатрешноста во државава, каде што просторот и воздухот сѐ уште се релативно еколошки чисти, да се преселат во Скопје, каде што рековме дека има најзагаден воздух на Балканот и во Европа? Стручни личности велат дека градот не може да издржи вакво архитектонско ширење! А Скопје продолжува да се гради и гради, се шири само по една линија, и еден ден може да ни се случи целата држава да се најде преселена во главниот град! Неконтролираното градење и ширење плус нашата немарност произведуваат нечистотија, големи количества отпад и поради немање простор каде да се сместат отпадните материјали, градот и државата може да се претворат во депонија, каде што и ние граѓаните, скраја да е, во една имагинарна состојба би се нашле како отпадни предмети, жртви на сопствените несоодветно создадени услови за живеење.
Со напредокот на научните пронајдоци и погледот кон вселенските простори, можеме да видиме дека нашата планета земја е навистина убава, совршено колорирана и неизмерно точна во нејзиниот од низ чудесниот вселенски простор. Оттука треба да се најдат и солидни решенија за продолжување на нејзиниот живот со тоа и нашиот човечки планетарен живот!
За локалните натрупани еколошки состојби од разни простори се наоѓале и можат да се најдат решенија, ако не за нивно дефинитивно или конечно отстранување, барем за нивно спречување да не се шират. Тоа треба и може да се спречи. И зарем треба ние да бидеме први во лошото и последни во доброто во квалитетно одржување на местото и просторот во кој дејствуваме и живееме? Сите, од кој било дел од планетата земја, имаме должност и обврска да бидеме поодговорни и повнимателни кон просторот во кој дејствуваме, тоа треба да го направиме во име на историјата, нашата историја е полна со значајни личности и настани, кои се спротивставувале на разни климатски и човечки премрежиња и успевале. Современите недоразбирања меѓу разни народи и од разни причини остават длабоки и трагични повреди на држави и цивилизации од нашава планета.
Колку деструкција се случува на воените полиња, купишта демолирани села и градови, се создаваат вештачки ридови од воен отпад, се рушат мостови, се создава апокалиптична слика каква што досега не е видена! Во некои земји се градат скривалишта од евентуална крајна војна, во која ќе нема победник, ќе има само губитници. Од кого сакаат да се скријат и мислат дека ќе се одбранат и спасат? Од кого да се одбранат, од себе, од самиот човек, кој во еден непромислен миг создал силна истовремено загадочна алатка, повторно за своја одбрана, ама во ваква состојба човекот може да направи непромислен потег што ќе го врати (ќе нѐ врати) милиони години назад во следниот почеток ако воопшто го има(ме)?
И во име на творештвото и реалната научна фантазија, можеме да си дозволиме да замислиме една токму ваква иреална слика во која „човекот“, творецот на сѐ и сешто што постоеше на планетата земја, поради неговите (нашите) вредни и помалку вредни изуми, во еден погрешен миг се одлучи да го употреби тоа што не требаше. Мислејќи дека ќе биде победник, за жал, остана како единствен губитник што самиот, гол како од мајка роден, се сместил на земјиниот контејнер за отпадок, кој постојано заедно со планетата земја ќе се врти во просторот од длабоката вселена! Ако по некоја случајност се сретне со други живи суштества, од други планети, тие во нивниот разговор со различен јазик, ќе си речат: Го гледате тој таму што е сместен во контејнерот за отпад, е тој живеел и ја поседувал најубавата планета наречена Земја, ама тој, ете токму тој, бидејќи не знаел да ја стопанисува разумно, се сплеткал во некои ѓаволштини, само тој знае што е тоа, и видите го сега се ставил во контејнер за отпад и вечно ќе врти, заедно со неговата прекрасна планета земја, ќе врти во светлите и темните простори од бесконечниот вселенски простор.
Да се надеваме дека човекот нема да направи таква глупост…!
Коле Манев