фото: Влада

Техничката влада, на чело со Талат Џафери, го суспендирала Парламентот и одлучила договорот за изградба на автопатот од Гостивар до селото Букојчани да го зголеми за отприлика 400 милиони евра, затоа што констатирале дека трасата која што самите ја поставиле поминува во периметарот на пештерата Убавица и дека ќе треба да се поместува, истакна премиерот Христијан Мицкоски во одговор на пратеничко прашање зошто државата би изгубила толкава сума на меѓународен арбитражен суд.

– Ова е факт, значи не се милијарда и 300, туку милијарда и 700 милиони евра. Тука не влегуваат трошоците за експропријација, што ги плаќа Јавното претпријатие за државни патишта, тука не влегуваат трошоците за дислокација на инфраструктурата – далноводи, цевководи и слично, тука не влегуваат трошоците за расчистување на трасите – сечење дрва и така натаму. Кога сето ова ќе го ставите во пакет, можеби најскромната сума ќе биде над две милијарди евра. Сето ова, според договорот, е на товар на државата и ако го читате тој договор ќе видите дека на крај, ако се откажете, ќе мора да го водите процесот некаде во Велика Британија, бидејќи апликативни се законите на Обединетото Кралство и Велс, кои што се сосема различен тип на закони, не е тоа дел од континенталното право. Ако се повлекуваме од проектот, нема да го градиме, завршуваме таму на арбитража и загарантиран пораз од дополнителни 350-400 милиони евра најмалку – истакна Мицкоски.

Претходно Владата имала информација за сличен случај за кој на владина седница еднострано бил раскинат договор во Југоисточна Македонија и процесот на арбитража го добила странката.

– Благодарение на оваа Влада штетата која што треба да се плати е 10-15 пати намалена. Тука има присутни пратеници кои што знаат за каков арбитражен процес зборувам, затоа што е поништен по закон кој што е под „лекс специјалис“, односно закон за концесии и јавно-приватно партнерство. Свесно е направено тоа, кое што сега граѓаните ќе треба со милиони да го плаќаат, преку овој буџет што ние го креираме – додаде Мицкоски.