Мора да се најдат начини за пренасочување на интересирањето на младите луѓе што ќе ги оттргне од пороците. Забранетото овошје отсекогаш било послатко и поинтересно, но токму тоа го прави предизвикот поголем за сите заедно да најдеме начини со кои ќе се обидеме да ги „ресетираме“ младите луѓе. Легендарна е изјавата што често ја цитираат луѓето што успеале да се извлечат од канџите на игрите на среќа: „Ако сакаш да спечалиш пари од коцка, тогаш отвори си коцкарница (обложувачница)“. За жал, малку кој ја слуша или правилно ја разбира оваа реченица за да се однесува според неа
Застрашувачка појава зема сѐ поголем замав, а тоа е неверојатниот пораст на бројот на обложувачниците и коцкарниците, кои никнуваат на секое ќоше во државата, па слободно може да се каже дека не постои населба каде што нема барем неколку вакви „игротеки за возрасни“. И не е само тоа. Како нераскинлив дел на ваквата појава за сеприсутност на коцкарниците и обложувачниците, соодветно расте и бројот на канцеларии за давање брзи кредити, затоа што најдобрите клиенти се токму тука.
И со тоа сликата се комплетира. Слика што многу семејства доведе до работ на амбисот. Она што на почетокот започнува како обид да се проба среќата преку погаѓањето на шансите на омилениот фудбалски клуб да победи или да изгуби, по извесен период прераснува во беспоштедна борба за извлекување од финансиската бездна во која запаѓа играчот, кој нема никакви шанси да победи против „државата“, која во случајов е приредувачот на игрите.
На крајот од таа борба, последната сламка надеж за која се решаваат луѓето со испразнети џебови и сметки се брзите кредити, кои се нудат на секој чекор, или пак уште пострашната варијанта, лихварите, кои демнат од сите страни. Остатокот од приказната е добро познат и трагичен за најголемиот број од несреќниците што посакуваа само да си ја пробаат среќата.
Легендарна е изјавата што често ја цитираат луѓето што успеале да се извлечат од канџите на игрите на среќа: „Ако сакаш да спечалиш пари од коцка, тогаш отвори си коцкарница (обложувачница)“. За жал, малку кој ја слуша или правилно ја разбира оваа реченица за да се однесува според неа.
Но она што дополнително сериозно загрижува во целата оваа ситуација е сѐ поголемиот број млади луѓе што стануваат зависници од коцкање, независно дали станува збор за присутност во коцкарниците или во обложувачниците, кои никнуваат буквално на секое ќоше во државата.
Ако тука се додаде дека сме сведоци на „гледањето низ прсти“ од страна на голем дел вработени во овие компании, независно што тоа е со закон регулирано, тогаш сликата може да се комплетира. А таа воопшто не е убава, туку го пушта алармот на најсилно и бара итна сериозна реакција на надлежните.
Сите сме свесни дека на млади под 18 години со закон им е забрането влегување во обложувачниците и коцкарниците, но исто така сме сведоци дека малку кој навистина се придржува до словото на законот, независно дали се тоа вработените, кои треба да го санкционираат тоа, или пак тинејџерите, кои најпрво од љубопитност сакаат да ѕирнат во светот на возрасните, за потоа да не може никој да ги истера оттаму додека безмилосно го трошат џепарлакот или скришно извлечените пари од родителскиот паричник.
Дека работата станува крајно сериозна зборуваат и податоците дека на терапиите за одвикнување од зависност од коцкање одат сè повеќе млади на тинејџерска возраст. Анкетите покажуваат дека сѐ поголем број наши граѓани се коцкаат на дневна основа, а притоа расте и процентот на млади луѓе што се изјаснуваат како зависници од игри на среќа.
Како да му се застане на патот на ова современо зло? Како да се ограничи пристапот на младите луѓе, но тоа да биде системски и функционално, а не сѐ да биде оставено на волјата, на одговорноста или сериозноста на вработените. Од своја страна сите ќе се декларираат дека строго се држат до законот, но доволна е само една случајна обиколка на овие простории за да се види суровата реалност.
Попусти беа во минатото неколкуте иницијативи на дел од партиите да се стави ред во оваа област со барање со закон да се отстранат сите објекти во кои се приредуваат игри на среќа, лоцирани во радиус од 500 метри од училиште или градинка. Ниту тоа не смени нешто во реалноста. Обложувачници и казина никнуваат на сите страни како печурки по дожд.
Од Владата најавуваат дека до Нова година ќе се донесе нов закон за игрите на среќа. Според официјалните најави, тој треба да биде „многу радикален, строг и да ги поправи грешките од минатото“. Дури се најавува дека ќе се преполови бројот на казина во земјава, но сето тоа засега останува само во сферата на најавите. Свесни за реалноста, не им останува ништо друго туку да го исполнат она што се очекува од нив, затоа што во спротивно само беспомошно ќе можеме да го регистрираме вртоглавиот пораст на бројките на осиромашени и задолжени граѓани.
Паралелно со тоа мора да се најдат начини за пренасочување на интересирањето на младите луѓе, што ќе ги оттргне од пороците. Забранетото овошје отсекогаш било послатко и поинтересно, но токму тоа го прави предизвикот поголем за сите заедно да најдеме начини со кои ќе се обидеме да ги „ресетираме“ младите луѓе.
Целата јавност со нетрпение ги чека резултатите.