Новогодишната потрошувачка кошничка и граѓаните
Заменик-министерот за економија и труд Марјан Ристески ги израдува граѓаните со информацијата дека „се подготвува новогодишната потрошувачка кошничка, при што граѓаните треба да очекуваат околу 500 производи со пониски цени“. Во тој контекст Ристески изјави дека се извршени сите консултации со стопанските комори, синдикатите и Асоцијацијата за заштита на потрошувачите.
– Имавме поопсежни консултации со повеќе фактори што влијаат на крајната цена на производите битна за потрошувачите, тоа е бизнис-секторот, преку стопанските комори, имавме состаноци и со синдикатите и со Организацијата за заштита на потрошувачите. Со една многу добро, внимателно подготвена анализа ќе излеземе за новогодишната кошничка за брзо време. Се надевам дека ќе имаме над 500 производи што ќе бидат опфатени со намалување на цените, односно повеќе групи на производи. Ќе има и некои различни производи од есенската потрошувачка кошничка. За граѓаните најбитно е што ќе бидат опфатени производи што се најзастапени на трпезата за Нова година и за празниците околу Нова година – изјави Ристески.
Тој е уверен дека потрошувачката кошничка ќе донесе бенефиции за граѓаните.
– Граѓаните секако треба да ги очекуваат бенефициите од новогодишната потрошувачка кошничка. Ние најавивме повеќе такви потрошувачки кошнички за најголемите празници кога потрошувачката на одредени производи е најголема. Со ова имаме две цели – да не дозволиме инфлацијата да оди нагоре, како и стабилизирање на цените на основните прехранбени производи – посочи Ристески.
Министерството за економија и труд будно ја седи примената на Законот за забрана на нефер трговски практики. Договорите се потпишани со маркетите. Има детектирани два клучни проблеми, повратот на стоката и во однос на маркетингот.
– Со Владата и со Комисијата за заштита на конкуренцијата ќе гледаме да донесеме соодветни одлуки што ќе бидат во интерес и на производителите и на доставувачите на маркетите и, секако, во интерес на потрошувачите – рече Ристески.