Вечерва во 20 часот, во театарот „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ во Велес, ќе се одржи авторски концерт на македонскиот композитор и диригент Владимир Николов. На концертот ќе бидат изведени одбрани композиции од неговиот богат творечки опус, меѓу нив и неколку светски и македонски премиери. Ова е наедно и прв негов целовечерен авторски концерт со овој оркестар.
Владимир Николов е композитор чие творештво опфаќа широк спектар на изразни средства и жанри, користејќи ги искуствата во класичната музика и џезот како точка на поаѓање. Веќе подолго време е „зад сцената“ во улога на аранжер во светски оркестарски проекти, но често настапува и како диригент со реномирани солисти и ансамбли.
Како редовен аранжер на еден од најдобрите ревиски оркестри во светот – „Метропол оркест“, соработувал со врвни имиња како Џон Клејтон, Ренди Брекер, Винс Мендоза, Џулс Бакли и Џејкоб Колиер. Како автор и бенд-лидер има издадено три студиски албума со ансамблот Николов-Ивановиќ Ундектет. Угледниот магазин „Џез тајмс“ го оценува овој ансамбл како „извонреден, еден од моментално најкреативните големи џез-ансамбли во Европа“, а даунбит-музиката на овој ансамбл ја оценува како „ритмички сложенa, хармонски евокативнa, беспрекорно аранжиранa“.