Народниот правобранител за растечкиот проблем со врсничкото насилство

Народниот правобранител најави кампања за издигање на свеста за заштита на децата од врсничко насилство, со поддршка на проектот на ЕУ преку владеење на правото, во пресрет на Светскиот ден на детето – 20 ноември.
Васка Бајрамовска-Мустафа, државна советничка во канцеларијата на народниот правобранител, по тој повод изјави дека врсничкото насилство особено е присутно во основните и во средните училишта, но и надвор од нив, во парковите.
– Во институцијата Народен правобранител бројот на претставки повторно се движи околу 30, најчесто за физичко насилство, но нашите посети во училиштата покажуваат дека, за жал, ние, сè уште не ги препознаваме другите облици на насилство – рече Бајрамовска-Мустафа.
Според податоците со кои располагаат, најголем број од повредите се случуваат во основното образование, а помалку во средното. Насилство има на многу мала возраст, кај деца од второ, трето одделение, што укажува на сериозноста на проблемот.
Истражувањата покажуваат дека насилството многу често се користи како алатка за прикажување моќ од страна на децата и речиси секогаш жртви се или послабите деца или оние што се повеќе повлечени, децата со попреченост, но и децата што потекнуваат од сиромашни или неедуцирани семејства.
Бајрамовска-Мустафа нагласи дека е потребно едуцирање за препознавање на насилството, а неопходни се и разговори за другарување, сочувство, учење за толеранција и почитување на различностите. Целта на кампањата е да ја испрати оваа порака до родителите, наставниците, медиумите и другите општествени фактори. Н.М.