Мрежата на голманот на македонската репрезентација се затресе само еднаш, и тоа од пенал. Тој е единствен што на пет меча нема примено гол и, според податоците на УЕФА, до мечевите во понеделникот, единствен меѓу голманите што забележа и една асистенција
ФУДБАЛ
Македонскиот репрезентативец Столе Димитриевски е најуспешниот голман сезонава во фудбалската Лига на нациите (ЛН), откако по групната фаза прими само еден гол и е единствен меѓу чуварите на мрежата што по пет одиграни натпревари не прими погодок, според статистиката на Европската фудбалска унија (УЕФА). Згора, според податоците на УЕФА, до мечевите во понеделникот, Димитриевски е и единствен меѓу голманите што сезонава во Лигата на нациите забележа и една асистенција.
Мрежата на македонската селекција на шесте натпревари во групата 4 на лигата Ц се затресе само еднаш, во првото коло, и тоа од пенал, на дуелот со Фарските Острови, на гости. Потоа Македонија нанижа пет победи по ред без примен погодок (вкупна гол-разлика 10-1). На сите шест средби на голот на Македонија беше Димитриевски, а неговата мрежа не е затресена веќе 531 минута. Според статистиката на УЕФА, сезонава Димитриевски оствари и една асистенција.
Во овој циклус на Лигата на нациите еден гол прими само уште селекцијата на Молдавија, на четири натпревари, во лигата Д (вкупна гол-разлика 5-1). Во групите во кои настапуваа по четири репрезентации (во лигите А, Б и Ц) ниту една селекција не ја заврши групната фаза со два примени гола, а по натпреварите одиграни во понеделникот по три гола примија шест репрезентации. Н.М.