Фото: Пиксабеј

Русија воведува привремени ограничувања за извозот на нискозбогатен ураниум во САД, а владината одлука веќе стапи во сила, како што пренесоа руски медиуми. Американските нуклеарни централи произведуваат 20 отсто од електричната енергија во САД, а за истиот процент се снабдуваат со нискозбогатен ураниум од Русија. Американските набавки на ураниум од Русија во 2023 година се проценуваат на 1,2 милијарда долари

Русија воведе ограничувања за извозот на важниот енергент во САД

Откако САД и Западот воведоа досега невидени економски и финансиски санкции против Русија, набргу по почетокот на војната во Украина на крајот на февруари 2022 година, САД и Русија ја продолжија соработката во исклучително ретки области како што се заедничките летови во вселената до Меѓународната вселенска станица и слично. Соработката продолжи и во однос на рускиот извоз во САД на одредени ретки руди, како што е титаниумот – неопходен за производство на авиони, како и збогатен ураниум, што изненади многумина, особено бидејќи тоа се стратегиски суровини неопходни за воената индустрија. Но се чини дека трпението на Русија сепак е при крај, барем кога станува збор за извозот на ретки руди.
Русија воведува привремени ограничувања за извозот на нискозбогатен ураниум во САД, а владината одлука веќе стапи во сила, како што пренесоа руски медиуми. Рускиот премиер Михаил Мишустин во четвртокот потпиша декрет со кој се воведуваат привремени ограничувања за извозот на нискозбогатен ураниум (ураниум збогатен со изотоп ураниум-235) во САД. Станува збор за испораки во САД или според договори за надворешна трговија склучени со лица регистрирани во американската јурисдикција. Исклучоци ќе бидат еднократните дозволи, кои ќе ги издава руската Федерална служба за техничка и извозна контрола.

Во мај годинава американскиот Конгрес усвои, а претседателот Џо Бајден потпиша закон со кој се забранува увоз на нискозбогатен ураниум од Русија. Документот стапи во сила во август, но предвидува исклучоци до 2028 година, што ги користеа американските компании, како на пример „Сентрус енерџи“.
Русија не е главен производител на ураниум, но нејзиниот глобален удел во збогатувањето и конверзијата надминува една третина. Американските нуклеарни централи произведуваат 20 отсто од електричната енергија во САД, а за истиот процент се снабдуваат со нискозбогатен ураниум од Русија. Американските набавки на ураниум од Русија во 2023 година се проценуваат на 1,2 милијарда долари.
Во септември, рускиот претседател издаде наредба „да се разгледа ограничувањето на извозот во таканаречените непријателски земји“. Имено, и на веб-страницата на владата се вели дека „ограничувањата се воведуваат по наредба на рускиот претседател како одговор на ограничувањата наметнати од Соединетите Американски Држави во периодот од годинава до 2027 година и забраната за увоз на ураниумски производи од Руската Федерација, почнувајќи од 2028 година“. Р.С.