На Светскиот ден на науката за мир и развој
Наградите за најдобри научници и уметник на годината во повеќе научноистражувачки подрачја беа доделени вчера од страна на ректорката на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“-Скопје, Билјана Ангеловска, по повод Светскиот ден на науката за мир и развој – 10 Ноември.
Наградата за најдобар научник од природно-математичкото подрачје му беше доделена на Даниел Галинов, наградата за најдобар научник од техничко-технолошкото подрачје на Димитар Трајанов, од медицинските науки на Андреј Николовски, во подрачјето на ветеринарните науки на Александар Узунов, од општествените науки на Александар Стојков, додека, пак, во категоријата најдобар уметник на годината на професорката од Драмскиот факултет во Скопје, Зоја Бузалковска.
Во услови на непостоење на системски пристап во државата, според Ангеловска, универзитетот постојано се залага да ги подобри научноистражувачките перформанси преку искористување на европските фондови за наука. Предвидено е во рамките на универзитетот да биде формиран колаборативен центар за отворена наука, кој ќе го олесни интегрирањето во европскиот истражувачки простор. Н.М.