Амбасадата на Грција во Македонија започнува серија проекции на грчки филмови со наслов „Ајде да се запознаеме“. Целта на проекциите е да се претстават современите грчки филмови, кои беа многу сакани и во Грција, но и во странство. Серијата на проекции „Ајде да се запознаеме“ ќе започне динамично со повеќенаградуваниот филм „Мала Англија“ на Пантелис Вулгарис, еден од најзначајните грчки режисери, кој заедно со Теодорос Ангелопулос беше главен претставник на трендот на новата грчка кинематографија, која стана светски позната во 1970-тите.
Филмот „Мала Англија“ е една романтична драма, која се врти околу тоа како договорениот брак ќе го размрда животот на едно семејство во периодот помеѓу 1930-тите и 1950-тите години. Дејството на филмот се одвива на островот Андрос, наречен Мала Англија поради финансиската моќ на неговите жители. Филмот „Мала Англија“ е производ на соработката на режисерот Панделис Вулагарис и истакнатата грчка писателка Јоана Каристианис и постигна голем успех од уметнички, но и од комерцијален аспект. Доби шест признанија од Грчката филмска академија и награда за најдобар филм на 17. Меѓународен филмски фестивал во Шангај.
Проекцијата на „Мала Англија“ се одржа во Кинотеката на Македонија.