Ливерпул води без загубен бодa / Фото: ЕПА

Монако е на третото место, дебитантот во европските купови, Брест, е четврти, а Астон вила е осма, тимови што пред ждрепката беа во најслабиот четврти барабан. Второпласиран е Спортинг, кој беше во третиот барабан, а на првите осум позиции се и четири клуба од првиот барабан, Ливерпул (прв), Интер (петти), Барселона (шеста) и Борусија Дортмунд (седма)

ФУДБАЛ – ПОЛОВИНА ОД ПРВИОТ ДЕЛ НА ЛИГАТА НА ШАМПИОНИТЕ

По првата половина од лигашкиот дел на реформираната фудбалска Лига на шампионите (ЛШ), на првите осум места, тие што водат директно во осминафиналето, се наоѓаат три екипи што пред ждрепката беа сместени во најслабиот четврти барабан. Така, Монако е на третото место, дебитантот во Лигата на шампионите, Брест, е четврти, а Астон вила е осма. Второпласиран е Спортинг, кој беше во третиот барабан, а на првите осум позиции се и четири клуба од првиот барабан, водечкиот Ливерпул, потоа Интер, кој е петти, шестата Барселона и Борусија Дортмунд на седмото место. Тимовите што ќе бидат меѓу осумте најдобри на табелата по лигашката фаза ќе бидат носители при ждрепката за осминафиналето (реваншот ќе го играат дома).
Во четирите кола, на 72 меча досега, имаше повеќе дуели помеѓу гиганти, изненадувања, многу голови (досега просекот е 3,07 погодока по меч)… Од клубовите што се на места за автоматски влез меѓу 16-те најдобри сезонава во Лигата на шампионите, само Ливерпул, кој е првопласиран и во првенството на Англија, е без загубен бод, само Интер нема примено гол, а Барселона е најефикасна, со 15 погодока и има најдобра гол-разлика, плус 10. Мрежата не е затресена ниту на Аталанта, која со по две победи и ремија е на деветтото место.
До крајот на лигашката фаза има уште четири кола, по што во осминафиналето ќе играат најдобрите осум екипи и победниците на плејофот во кој ќе настапат тимовите од деветтото до 24-то место на табелата. Првопласираниот Ливерпул, на пример, во следните четири меча треба да игра со Реал Мадрид (дома), Џирона (на гости), Лил (дома) и со ПСВ Ајндховен (на гости), на актуелниот европски првак Реал Мадрид, кој во моментов е 18-ти, му преостануваат уште натпреварите со Ливерпул (на гости), Аталанта (на гости), Салцбург (дома) и со Брест (на гости), Брест, кој првпат воопшто игра во некој европски куп, се среќава уште со Барселона (на гости), ПСВ Ајндховен (дома), Шахтер (на гости) и со Реал Мадрид (дома)…

Четврто коло: ПСВ Ајндховен – Џирона 4-0, Слован – Динамо Загреб 1-4, Болоња – Монако 0-1, Борусија Дортмунд – Штурм 1-0, Селтик – Лајпциг 3-1, Ливерпул – Баер 4-0, Лил – Јувентус 1-1, Реал Мадрид – Милан 1-3, Спортинг – Манчестер сити 4-1, Клуб Бриж – Астон вила 1-0, Шахтер – Јанг бојс 2-1, Спарта – Брест 1-2, Баерн – Бенфика 1-0, Интер – Арсенал 1-0, Феенорд – Салцбург 1-3, Црвена звезда – Барселона 2-5, Пари сен Жермен – Атлетико Мадрид 1-2 и Штутгарт – Аталанта 0-2.
Табела: Ливерпул 12, Спортинг, Монако, Брест и Интер по 10, Барселона, Борусија Дортмунд и Астон вила по девет, Аталанта осум, Манчестер сити, Јувентус, Арсенал, Баер, Лил, Селтик и Динамо Загреб по седум, Баерн, Реал Мадрид, Бенфика, Милан, Феенорд, Клуб Бриж и Атлетико Мадрид по шест, ПСВ Ајндховен пет, Пари сен Жермен, Спарта Прага, Штутгарт и Шахтер по четири, Џирона и Салцбург по три, Болоња еден, Лајпциг, Штурм, Јанг бојс, Црвена звезда и Слован без бодови. Н.М.