Фото: РФМ

Задоволен сум од победата и начинот на кој победивме во еден тежок меч. Од тоа што го имам гледано, Литванија е поквалитетна од Естонците. Традицијата вели дека немаме победа против неа, па мора да се подготвиме добро и да одиме на победа, вели селекторот Кирил Лазаров

РАКОМЕТ – МАКЕДОНИЈА СО ПОБЕДА НАД ЕСТОНИЈА ГИ ПОЧНА КВАЛИФИКАЦИИТЕ ЗА ПЛАСМАН НА ЕП 2026

Македонската машка ракометна репрезентација со победа ги почна квалификациите за пласман на Европското првенство (ЕП) во 2026 година, кое треба да се игра во Данска, Шведска и во Норвешка. Потешко од очекуваното во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје беше совладана селекцијата на Естонија со 37-33, откако по првото полувреме беше нерешено, 20-20, а со тоа се впишани и првите два бода. Победникот беше решен во последните 10 минути кога црвено-жолтите заиграа многу подобро, особено во нападот, кога го имаа и најголемото водство, 34-29.
Следен предизвик за Македонија ќе биде селекцијата на Литванија, на гости во Вилнус, в недела, од 17 часот. Вчера се играше вториот натпревар од оваа група еден, помеѓу репрезентациите на Словенија и на Литванија. На Европското првенство во 2026 година ќе играат првопласираните две репрезентации од секоја од осумте групи, како и четири најдобри селекции меѓу третопласираните.
– Повикав на претпазливост, ама не очекував дека ќе биде толку тешко. Естонците покажаа дека играат модерен ракомет. Мораме и можеме подобро. Пробавме нов тип игра, а ова беше една опомена пред неделниот меч со Литванија. Ќе анализираме. Дресот на национален тим тежи многу, одговорноста е голема, убаво е да се игра пред публика, но треба да се носиш со тоа. Задоволен сум од победата и начинот на кој победивме во еден тежок меч. Од тоа што го имам гледано, Литванија е поквалитетна од Естонците. Традицијата вели дека немаме победа против неа, мора да се подготвиме добро и да одиме на победа – вели селекторот Кирил Лазаров.
Најефикасен во македонските редови беше десниот бек Мартин Серафимов со 10 гола, а средниот бек Марко Митев и левиот бек Филип Кузмановски реализираа по седум. Кај Естонците доминираше десниот бек Карл Том со 11 гола.
– Не беше воопшто лесно, сите селекции денес знаат да играат ракомет, добро тренираат и напредуваат. Играме в недела со Литванија и сега мора да се фокусираме на тој меч, од каде што се надевам дека ќе се вратиме со уште една победа. Треба уште да работиме и да поправиме неколку сегменти во играта, можеме да бидеме подобри и во одбраната. Ни треба уште малку време да се уиграме, имавме и промена на генерации, но мислам дека сите работи ќе бидат во најдобар ред пред почетокот на Мундијалот и остатокот од квалификациите за Европското првенство – вели Серафимов.
Македонија досега има осум настапи на ЕП, најдобриот пласман ѝ е петтото место на шампионатот во 2012 година, а исто толку пати била дел и од светските првенства. Г.И.

Серафимов беше најефикасен со 10 гола