Светот до Марс – скопјани до Охрид

Еве неколку научни факти: Млечниот Пат е најголемиот пат што го знае човештвото, а е само една од милијардата галаксии во познатиот универзум. Галаксијата е дом на нашиот Сончев Систем, во кој се наоѓа и планетата Земја, на која ги живееме земните години. Како и другите милијарди ѕвезди така и Сонцето кружи околу центарот на галаксијата. За еден цел круг му се потребни околу 220 милиони години и тој период се вика вселенска година. Растојанието помеѓу Марс и Земјата е околу 54,6 милион километри, според НАСА. За да се стигне до Марс врз основа на сегашната брзина на вселенските бродови, ќе бидат потребни околу девет месеци, се наведува на веб-страницата на Центарот за вселенски летови.
Тоа беа податоци за дел од вселената. Сега неколку податоци за земјата што се вика Македонија, која е географски на југ, а го носи префиксот Северна. Тема – патиштата некогаш и сега.
Растојанието на јавниот пат (сегашниот) меѓу градовите Скопје и Охрид е 171,74 км или 106,48 милји. Патот Скопје-Битола е 173,4 километри или 107, 51 милји. Ќе се согласиме дека наведените километражи не се вселенски бројки иако понекогаш изгледаат така патувајќи натаму. Ако на астронаутите или идните туристи им се потребни девет месеци да стигнат до Марс, на скопјани им се потребни девет и повеќе години за да стигнат до Охрид и на охриѓани до Скопје по модерен автопат. Слично и на битолчани или на моите ресенци што ги врват Прилеп, Плетвар и Велес за да стигнат во главниот град.
Зошто Марс изгледа толку блиску, а Охрид толку далеку?
Пред 11 години Кинезите почнаа да ја градат делницата Кичево-Охрид, со вредност од 374 милиони евра. Тогаш на власт беше ВМРО-ДПМНЕ на Никола Груевски. Груевски е во Будимпешта, а Кинезите сѐ уште се тука. Парите веќе не се бројат, затоа што постојано се додаваат нови, а повеќе исчезнуваат одошто го има. Сега истата партија не само што се врати на власт туку се врати и на патиштата, кои порано им беа сон, сега им се јаве. Го облетуваат правецот Кичево-Охрид и Скопје-Кичево со НАТО и американската амбасадорка преку енигматичната фирма „Бехтел и Енка“, вклучувајќи и дел од коридорот 10 – Прилеп-Битола, со 40 километри.
Новиот министер за патишта, по критиките за коридорот 8 додека беше во опозиција, сега кога е на власт го прегрна со двете раце. Дури изјави дека почетокот на градбата е, ни повеќе ни помалку, туку историски ден за неговата држава, притоа сигурно мислејќи и на партијата и на другите држави што беа фактор да си го смени мислењето. Како секој модерен политичар, го заборави минатото, гордо се префрли во иднината. Со ветување дека ќе ги приземји вселенските километражи, мерени не по километри туку по единица време.
Сега малку историја што станала иднина.
Долго време во науката владееше теорија дека првите патишта се градени по врвици по кои се движеле животните, но подоцна, наводно, таа теорија била напуштена. Најстариот познат поплочен пат на светот бил изграден во Египет околу 2600-2200 година пред новата ера. Во 500 година од таа ера е изграден Кралскиот пат на Дариј Први, по кој, два века подоцна, Александар Македонски ќе напредува до Бактрија и Индија и ќе се врати во Вавилон, од каде што умрен отпатува во досега непознат правец.

Римјаните ја увиделе предноста од патишта и затоа граделе низ сите краишта за да може да стапне империјалната нога. Така, од 28-те најголеми и најважни патишта низ целата историја на оваа империја, неколку ќе останат како симбол на сувоземниот крвоток од моќниот Рим кон Европа, Азија и Африка. (Виа Аурелија, Виа Панонија, Виа Милитарис…)
Но најславниот од сите нив врви низ Македонија. Патот ВИА ИГНАЦИЈА, долг околу 800 километри, граден цели 44 години. Ги спојувал Драч и Визант, односно Драч и денешен Истанбул, минувал низ Илирија, Македонија и Тракија. Патот требаше да биде врзник на два тогашни света, два центри на моќ и два идентитета на Европа – Западот и Истокот со нивните културни сличности но и разлики (Рим и сѐ помоќната Византија). Иронијата или проклетството е во тоа што токму кога се заврши и кога вистински требаше да ги поврзе, тие се разделија, та повеќе ќе го експлоатира Визант, а не оној што го креира и направи за свои потреби.
Траги и сентиментални спомени од Виа Игнација има речиси низ цела географска Македонија со главниот град Солун. Денес не се малку на број луѓето што изградбата на коридорот 8 под чадорот на НАТО ја поврзуваат со некаква историска обнова на старата Виа Игнација, идеја што ја поддржуваат Италија, Турција, Бугарија. И оние што НАТО-империјата на Балканот ја споредуваат со желбите за обнова на Римската Империја, сега на современ политички и воен начин.
На крајот малку приватна „историја“, поврзана со историјата на дел од патиштата на Република Македонија. На млади години, средината на 60-тите од минатиот век, како резервен голман на фудбалскиот клуб Преспа од Ресен речиси секоја втора недела патував некаде. Натпреварувајќи се или во Охридско-Струшкиот или во Битолскиот Регион (потсојуз), игравме во околните градови и поголеми села што имаа фудбалски екипи.
Градот Ресен имаше само еден автобус. Го возеше славниот Енвер Ранак, еден крајно внимателен и молчелив шофер. Од Ресен до Охрид два часа. Од Ресен до Крушево, преку Прилеп, патувавме пет-шест часа. Од Ресен до Кичево, преку Демир Хисар и Брезово, стигнувавме по околу седум часа. Тргнувавме во 6 наутро, стигнувавме во 1 напладне. По натпревар се враќавме, преку струшко-охридските села, (оттогаш го паметам Мешеиште) и дома стигнувавме околу полноќ. Колку едно вртење на земјата околу Сонцето.

На враќање од таа траса облеките на сите патници во автобусот беа повеќе бели одошто во нивната природна боја. Причина: белата прашина од макадамот по кој се возеше. А патиштата посебна приказа: остри кривини, стрмни нагорнини, тесни, дури само со една лента што не дозволува разминување, некаде послани со коца, повеќе макадам, длапки, дупки, несигурни мостиња.
Сега се други времиња, други луѓе и нови машини. Во што е разликата тогаш и сега. Тогаш имаше автобуси, ретко кој имаше автомобил. Богатството уште се мереше со купен црно-бел телевизор, шпорет на струја и фрижидер. Многу подоцна со машина за перење алишта, што беше асли луксуз. Ја немаше сегашнава нервоза, не беше брз животот, се прифаќаше реалноста таква каква што е. Речиси никој никаде не доцнеше иако не брзаше, за разлика од денес, кога сите некаде брзаме, а секаде задоцнуваме. Не доцнат само луѓето. Доцнат патиштата.

[email protected]