Францускиот претседател Емануел Макрон денеска му честиташе на Доналд Трамп, обраќајќи му се како претседател на САД, со порака дека е „подготвен заедно да работат“ како и пред четири години, за време на претходниот негов мандат.
„Со вашите убедувања и со моите. Со почит и амбиција. За повеќе мир и просперитет“, напиша францускиот претседател на мрежата Х.
Трамп претходно утринава прогласи победа на изборите во САД.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денеска го изрази своето задоволство од успехот на Доналд Трамп на претседателските избори во САД и му честиташе на републиканскиот кандидат за „најголемото враќање во историјата“.
„Вашето историско враќање во Белата куќа нуди нов почеток за Америка и моќна посветеност на големиот сојуз на Израел и Америка. Ова е огромна победа!“, порача израелскиот премиер во пораката до Трамп.
„Се радуваме на ерата на силни САД под водство на претседателот Трамп. Веруваме во продолжување на силната, двопартиска поддршка за Украина во САД“, рече украинскиот претседател Володимир Зеленски, пренесува Укринформ.
Зеленски потсети на средбата со Трамп што се одржа во септември, на која детално се разговараше за темите за стратешкото партнерство меѓу Украина и САД, Планот за победа и начините за завршување на војната.
Реакции од целиот свет откако „Фокс њуз“ ја објави предвидената победа на републиканецот Доналд Трамп во државата Пенсилванија.
-Честитки за новоизбраниот претседател на Соединетите Американски Држави. Господ нека ве благослови и води – напиша претседателот на Салвадор, Наиб Букеле на Х.
Унгарскиот премиер Виктор Орбан, кој отворено го поддржа обидот на поранешниот претседател Трамп да се врати во Белата куќа, на Фејсбук истакна дека Трамп е „на пат кон убава победа“.
Лидерот на екстремно десничарската холандска Партија на слободата, Герт Вилдерс, на X напиша: „Му честитам на претседателот Трамп! И честитам на Америка! Не застанувајте, продолжете да се борите и да победувате на изборите!“.
Крајнодесничарските израелски министри Итамар Бен-Гвир и Бецалел Смотрич ја поздравија очекуваната победа на Трамп.
Британскиот премиер Кир Стармер во својата честитка истакна дека односите меѓу Велика Британија и САД ќе продолжат успешно да се развиваат, истакнувајќи дека „со нетрпение очекува соработка со Трамп во наредните години“.
Премиерката на Италија, Џорџа Мелони, во својата честитка напиша дека Италија и САД се „сестрински земји“.
„Во мое лично име и во име на италијанската влада, искрено му честитам на новоизбраниот претседател на САД, Доналд Трамп. Италија и САД се сестрински нации, поврзани со непоколебливи односи, меѓусебни односи и историско пријателство. Тоа е стратешки однос, кој сигурна сум дека ќе го зајакнеме“, наведе Мелони на платформата Х.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен му посака „топли честитки“ на Трамп.
„ЕУ и САД се повеќе од обични сојузници. Ние сме обврзани со партнерството на нашите народи, кои сочинуваат 800 милиони граѓани. Ајде да работиме заедно на силна трансатлантска агенда која ќе работи за нив“, напиша таа на мрежата Х.
Претседателските избори во САД се внатрешно прашање на оваа земја, а Кина го почитува изборот на американскиот народ, изјави денеска портпаролката на кинеското Министерство за надворешни работи Мао Нинг.
-Нашата политика кон САД е конзистентна, ќе продолжиме да ги согледуваме кинеско-американските односи и да управуваме со нив врз основа на принципите на меѓусебно почитување, мирен соживот и заемно корисни акции – рече Мао.
Индискиот премиер Нарендра Моди го повика Трамп да „работи заедно за подобрување“ на двете нации и да промовира глобален мир, стабилност и просперитет.
На Трамп му честиташе и австрискиот канцелар Карл Нехамер, кој рече дека САД се важен стратешки партнер на Австрија.
„Со нетрпение очекуваме натамошно продлабочување и зајакнување на нашите трансатлантски односи и успешно справување со глобалните предизвици заедно“, напиша Нехамер на Х.
Генералниот секретар на НАТО Марк Руте рече дека Трамп кога ќе ја преземе функцијата, ќе биде пречекан од „посилна, поширока и поуникатна Алијанса“. „Неговото лидерство ќе биде клучно за зајакнување на Алијансата. Со нетрпение очекувам повторно да соработувам со него за да го промовираме мирот преку силата на НАТО“, рече Руте.
„Историската победа“ ја честитаа и премиерите на Романија и Полска, Марсел Чолаку и Петр Фијала.
Германскиот канцелар Олаф Шолц му честиташе на Доналд Трамп за победата на претседателските избори во САД и порача дека двете земји ќе продолжат да работат заедно за доброто на своите граѓани.
„Германија и САД долго време успешно работеа заедно за да промовираат просперитет и слобода на двете страни на Атлантикот. Ќе продолжиме да го правиме ова за доброто на нашите граѓани“, рече Шолц на социјалната мрежа Х.
Словенечката претседателка Наташа Пирц Мусар ја поздрави победата на Доналд Трамп и ја потврди подготвеноста на земјата да соработува со САД за справување со глобалните предизвици.
„Нашето трансатлантско семејство и целата меѓународна заедница се соочуваат со многу предизвици денес, а вашето лидерство во справувањето со нив е клучно. Само заедно можеме да изградиме подемократски, побезбеден и зелен свет; напиша Пирц Мусар во честитката.
Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ му честиташе на републиканецот Доналд Трамп за убедливата победа на претседателските избори во САД.
„Честитки за убедливата победа и вториот претседателски мандат“, објави Пленковиќ на платформата Икс.
„Се радувам на нашата соработка и натамошен напредок во хрватско-американските односи“, додаде хрватскиот премиер.
И претседателот на Србија, Александар Вучиќ, утрово му честиташе на Доналд Трамп за победата.
„Заедно се соочуваме со сериозните предизвици кои претстојат. Србија е посветена на соработката со САД за стабилност, просперитет и мир“, порача Вучиќ на Инстаграм.
Македонскиот премиер Христијан Мицкоски во честитката до Трамп истакна дека „оваа победа е потврда на длабоката верба на американскиот народ во принципите на слободата и демократијата“.
„Со нетрпение очекуваме натамошно продлабочување на нашето цврсто партнерство и соработка, особено во областите на безбедноста, економскиот развој и демократските реформи“, објави на неговиот фејсбук профил премиерот Мицкоски. Тој напиша дека Македонија останува посветена на градењето уште посилни врски со САД, како стратешки сојузник и пријател, кои ќе продолжат да ја зајакнуваат стабилноста и напредокот на целиот регион.
Претседателската на Косово, Вјоса Османи ја честиташе победата на Трамп и на Џеј Ди Венс.
„Во име на народот на Република Косово, упатувам искрени честитки до Доналд Трамп и Џеј Ди Венс на нивниот избор за претседател и потпретседател на САД. САД остануваат постојан партнер и незаменлив сојузник на Косово. Со нетрпение очекувам да работам со новата администрација за дополнително да ја продлабочиме нашата единствена врска и стратешки сојуз, порача Османи.
Претседателот на Црна Гора, Јаков Милатовиќ, исто така упати честитки до Трамп. „Црна Гора и САД се пријатели и цврсти партнери, обединети со заеднички цели и вредности, насочени кон подобрување на демократијата, безбедноста, стабилноста и слободата“, напиша Милатовиќ на мрежата Икс.
Лидерот на бугарската победничка партија на последните избори ГЕРБ, Бојко Борисов му честиташе на Трамп на изборната победа и изрази подготвеност „повторно заеднички да работат“.
Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис му ја честиташе изборната победа на Трамп порачувајќи дека Грција со нетрпение очекува натамошно продлабочување на стратегиското партнерство меѓу двете земји и заедничка работа на важните регионални и глобални прашања.
Албанскиот премиер Еди Рама покрај честитките на Трамп истакна дека му претставувало чест да соработува со 46-от претседател на САД, Џо Бајден.
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган му честиташе на својот „пријател“ Доналд Трамп за неговата победа на претседателските избори во САД, по, како што рече, „големата битка“. „Верувам дека ќе се направат повеќе напори за праведен свет во оваа нова ера која започна со изборот на американскиот народ“, рече Ердоган во објава на мрежата ИКС. Тој додаде дека се надева на завршување на тековните регионални конфликти и кризи, особено на конфликтот меѓу Израел и Хамас во Газа и војната меѓу Русија и Украина.