Неочекуваните и свежи перформанси на Оливие Дибуа, Себастиен Бариер и на Филип Лоренсо ја освоија публиката
Годинашниот фестивал „Париз во лето“ донесе освежувања и неочекувани изведби за публиката. Меѓу нив особено се истакнаа уметниците како Оливие Дибуа со својот проект „Подиум“, Себастиен Бариер со монологот во претставата „Драг Џејсон, драг Ендрју“ и Филип Лоренсо со претставата „Шеб“. Неколку дена пред почетокот на Олимписките игри, „Парис во лето“ не ја пропушти можноста да ги прослави врските што отсекогаш ги обединуваат уметноста и спортот. Со проектот „Подиум“, кој се издвојува како срце на фестивалот, на сцена настапија шеесет спортисти и спортистки, прифаќајќи го предизвикот што бара талент и извонредност. Наместо да се фокусира на конкуренцијата, Оливие Дибуа го истакнува обредот својствен за древните игри, фаворизирајќи ги односите меѓу поединците и создавајќи колективен чин. Неговиот проект ги прославува заедништвото и заедничкото уживање во незаборавна уметничка авантура. За тоа беа одбрани три олимписки спорта поради нивната драматичност: бокс, ритмичка гимнастика и лизгање на ролери. Оваа интересна комбинација на спортски ритуали и уметнички израз ги истражува различните форми на телото и движењето, надвор од класичните стандарди на балетот. Тие перформанси дополнително ги збогатија енергичноста и авангардниот дух на фестивалот, дури и во неговата скратена верзија.
„Драг Џејсон, драг Ендрју“ на Себастиен Бариер
Претставата „Драг Џејсон, драг Ендрју“ на Себастиен Бариер беше изведена во училница на третиот кат во гимназијата „Жак Декур“, како дел од програмата на фестивалот „Париз во лето“. Претставата има долг фестивалски живот, претходно изведена на фестивалот „Митос“ во Рен, а исто така била дел од оф-програмата на фестивалот во Авињон. До крајот на годината и за следната година веќе има закажано неколку изведби. Бариер, кој поседува огромен и извонреден театарски и интерпретациски талент, е познат по своите ексцентрични и интензивни перформанси. Во претставата „Драг Џејсон, драг Ендрју“ ги воведува гледачите во својата опсесија со британското панк-дуо „Слифорд модс“. Описот на сцените што се проектираат на видеобим пред почетокот на претставата, заедно со неговиот интензивен вокален израз, создава атмосфера на подготовка за суровиот и енергичен монолог што следува. Претставата ги комбинира неговата длабока лична поврзаност со музиката на „Слифорд модс“ и неговата моќ да го пренесат тој бес на сцената, полн со социјални коментари, потсетувања на класните разлики и провокации карактеристични за стилот на групата.
„Слифорд модс“, постелектро-панк дуо од Нотингем, Британија, се познати по својот суров и директен израз. Тоа го прави монологот на Бариер особено интересен, бидејќи всушност станува збор за лична интерпретација и рефлексија на нивната музика. Уметникот го комбинира својот театарски талент со инспирација од панк-културата. Неговиот говор е поетски и емоционален, опфаќајќи го не само бендот туку и важни фигури од неговиот приватен живот, како неговиот татко, неговата мачка Ви-Ви, свештеникот и други. Тој исто така е познат по љубовта кон доброто вино, а во оваа претстава открива една неочекувана страна од својата личност – врската со остронамерните и политички обоени текстови на „Слифорд модс“. Бариер користи минимални музички елементи, како бас-тапан, за да го долови духот на групата, додека неговиот вокален израз, кој вклучува тапани и електронски звуци, служи како метафора за неговото патување низ музиката на групата. Текот на неговиот говор е истовремено хаотичен и брутален, преминувајќи помеѓу личните искуства и фасцинацијата со овој бенд. Претставата ја истражува неговата врска со бендот, но и со светот околу него, каде што тој се претставува како забавувач на „популарни фестивали“ во Бретања, Париз и Авињон – израз што го користи со јасна критика и самосвест.
Поврзаноста помеѓу Бариер и бендот не е експлицитна. Двата артиста се спротивставуваат на социјалната неправда и исклучувањето на различноста, што ги прави сродни души на своевиден начин. Меѓутоа, Бариер го задржува елементот на дистанца помеѓу себе и своите идоли, создавајќи мистерија околу оваа врска. На сцената, тој создава игра на приближување и оддалечување, оставајќи простор за публиката да ги пронајде врските и да учествува во градењето на овој ритуал. Неговата дарба за уметничка отвореност и прифаќање на кревкото и неверојатното го прават неговиот свет особено привлечен.
„Шеб“ на Филип Лоренсо
Филип Лоренсо имаше чест да го отвори фестивалот со својот нов проект „Шеб“, кој спојува традиционални музички елементи од Магреб со современи поп, рок, фанк и електронски влијанија. Лоренсо, познат по својата извонредна дарежливост и уникатна уметничка визија, го користи своето богато музичко и танцово наследство за да создаде иновативен дијалог помеѓу минатото и сегашноста.
Во „Шеб“, двајца танчари, Керем Гелебек и Јунес Абулакул танцуваат во хармонија со музичарите Франсоа Кафене и Нури, кои изведуваат во живо на сцената. Музичката изведба поврзува традиционални ритми со модерни електронски звуци, создавајќи впечатлив и опоен транс за публиката. Оваа креација го поставува прашањето за нашиот однос со колективната меморија и заедницата.
Отворањето на фестивалот дополнително беше проследено со енергичен диџеј-сет на музичарот Нури, што ја возбуди публиката и го постави тонот за целокупната програма на фестивалот „Париз во лето“.
Елена Ангеловска