Ова е причината зошто презедовме иницијатива со нашата Олимписка агенда за вештачка интелигенција да иницираме развој на производи од вештачка интелигенција, а секогаш со една цел, да ја направиме достапна за сите спортисти, рече Бах, претседател на Интернационалниот олимписки комитет

Претседателот на Интернационалниот олимписки комитет (ИОК), Томас Бах, на 27-то генерално собрание на Асоцијацијата на националните олимписки комитети (АНОК), во Португалија, зборуваше и за светот што брзо се менува, а особено за промените во технологијата и вештачката интелигенција и потребата целосно да се искористат овие предности, пишува ИОК.
– Тука имаме голема можност и некои ризици со кои треба да се соочиме, но ако не ги искористиме можностите, ќе имаме само ризици. Ако не сме проактивни во проучувањето на она што вештачката интелигенција може да го направи за спортот и ако ние не го правиме тоа, другите ќе го направат тоа наместо нас, а тогаш сме изложени на голем ризик да ја изгубиме душата на спортот. Тогаш ќе се работи само за комерцијални и политички интереси. Нема да се грижат за нашите вредности. Ова е причината зошто презедовме иницијатива со нашата Олимписка агенда за вештачка интелигенција, да иницираме развој на производи од вештачка интелигенција, а секогаш со една цел, да ја направиме достапна за сите спортисти – рече Бах, пренесе Интернационалниот олимписки комитет.
Олимписката агенда за вештачка интелигенција е трета од трилогијата на стратегиски документи лансирана под раководство на Бах, за предвиденото влијание што вештачката интелигенција може да го има врз спортот, а следува по Олимписката агенда 2020, почната во декември 2014 година, и Олимписката агенда 2020+5, од март 2021 година, пишува ИОК. Н.М.