Фото: ЕПА

Западниот свет ќе се соочи со голема промена на крајот на оваа година, има ново мнозинство што е против војната, против миграцијата и против родовата идеологија – изјави премиерот на Унгарија Виктор Орбан, во гостувањето на радио „Кошут“.

– Овие вредности ги застапуваме во групата патриоти во ЕУ и мислам дека такви сили ќе дојдат на власт во вторник и во САД – рече Орбан.

Унгарскиот премиер додаде дека „се надева и очекува“ дека Доналд Трамп ќе победи на претседателските избори во САД.

– Демократите ја напуштаат власта, републиканците доаѓаат, Доналд Трамп станува претседател. Ако се случи тоа, на што сметаме, Америка ќе застане на страната на мирот и тогаш ќе биде невозможно Европа да остане во провоениот камп – нагласи Орбан.

Тој смета дека Европа не може да го поднесе товарот на војната во која ја воведоа челниците на европските институции.

– Додека Американците и Русите преговараат, Европа седи во ќош. Тоа мора да го промениме – изјави унгарскиот премиер.

Тој потсети дека земјите од Истокот беа на Самитот на БРИКС пред една недела и договорија стратегија за натамошен развој.

– Пред 20 години тоа немаше да биде вест, но денес земјите од БРИКС имаат повисок економски резултат од западните земји – рече Виктор Орбан.